18/04/2024
Охрид

Научна средба за религиозната едукација

Во организација на Асоцијацијата на професори по етика во религиите, вчера (02.06.2018 г.) , во манастирскиот комплекс „ Св. Наум Охридски“ се одржа еднодневна научна средба на тема „ Европа, секуларизмот и религиозна едукација“ . На свеченото отворање се обрати градоначалникот Јован Стојаноски.

„Амбиентот на оваа духовна и природна убавина на манастирот „Св. Наум Охридски“ уверен сум дека  ќе Ве инспирира да имате плодна дебата од која ќе произлезат ставови кои ќе придонесат за хармонизирање на различните гледишта околу практикувањето на  религиозната едукација на младите.Организаторот на научната средба- Асоцијацијата на професорите по етика во религиите „Просветление“ , не случајно ја одбрал темата „ Европа, секуларизмот и религиозната едукација“ , бидејќи низ излагањата на учесниците, интердисциплинарно  ќе бидат анализирани повеќе аспекти од ова важно прашање. Несомнено посебно место ќе има етиката во религиите, бидејќи  учениците преку етиката стекнуваат знаења за моралните вредности и доброто како највисока етичка вредност.

Живееме во време во кое младите на разни начини треба да се образуваат и воспитуваат на темелите на основните етички и морални вредности.Меѓу тие вредности, особено се важни толеранцијата и почитувањето на различностите на другиот.Всушност, толеранцијата е основа за оптимистички живот каде доминираат сигурноста и почитта, развивање на идејата за мирот меѓу религиите, културите, етникумите и традициите“ – рече градоначалникот Јован Стојаноски.

На научната средба, презентации имаа Даријан Сотироски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, претставник на Уставниот суд, Доц. Д-р Александар Спасеноски од Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ , Марија Ангеловска, експерт од областа на меѓународното право од Шведска, Проф. Д-р Ѓоко Ѓорѓески, Декан на Православниот богославски факултет „ Св. Климент Охридски“ и Доц. Д-р Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет на Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ .