19/04/2024
Македонија

Нема веќе ладно, туку само студено, штекерот е приклучок, а вревата – бучава: Под лупа сите учебници во основно и во средно

Министерството за образование и наука, заедно со Педагошката служба периодов ги ревидира сите учебници во основното и средното образование, вклучително и учебникот по социологија за кој имаше реакции во јавноста заради дел од содржината, информираат оттаму.

– Планот за ревизија на учебниците опфаќа проверка на содржината на сите учебници кои се применуваат во основното и средното образование, со приоритетен фокус на учебниците во средното образование кои се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година, како најстари учебници што се применуваат во училиштата. Меѓу нив и учебникот по социологија за втора година кој беше предмет на повеќе медиумски написи во изминатиот период. Овој процес се спроведува и ќе се спроведува етапно, имајќи го предвид бројот на учебници кои се применуваат во нашиот образовен систем на сите нивоа – информираат во МОН.

Оттаму додаваат дека добиле забелешки од наставници во однос на стручни, методолошки и технички недостатоци, но и пропусти во преводот и адаптацијата.

– Формиравме комисии кои работат на менување на содржината. Еве примери за корекции: Заменети термини „приметувате“ со „забележувате“, „ладно“ во „студено“, „штекер“ во „приклучок“, „врева“ во „бучава“. Променет е редоследот на одредени лекции, на пример во учебниците по биологија. Некои зборови се заменети со соодветни во дадена реченица, на пример „силикон“ е заменето со „силициум“ – појаснуваат во Министерството.

Пред две години, беа коригирани и испечатени вкупно 22 учебници за основното образование, меѓу кои по предметот математика од прво до деветто одделение, природни науки од прво до шесто одделение, биологија од седмо до деветто одделение, хемија од осмо до деветто одделение и физика од осмо до деветто одделение.

Во врска со тоа, како постапува министерството кога ќе добие забелешка за содржина на учебник, оттаму потсетуваат дека лани Владата иницираше, а Собранието усвои измени во Законот за учебници во основното и средното образование, кои овозможија интервенции во најмногу до 30 отсто од содржината на учебниците, преку две опции – ова да се направи на иницијатива на Педагошката служба со доставување на барање до издавачите и авторите да предложат исправки и дополнувања и втората, самите издавачи, односно автори да предложат соодветни корекции и дополнувања. Потоа за тие предложени корекции, Министерството за образование и наука и Педагошката служба објавуваат јавни повици за формирање на соодветни стручни комисии за утврдување дали предложените измени на учебниците се во согласност со наставната програма и не претставуваат измена на повеќе од 30 отсто од содржината на учебникот.

– Ако се добие позитивен заклучок, учебникот се печати. Во меѓувреме, постојниот учебник може да биде повлечен од употреба со решение на министер или да продолжи да се применува со упатство од Бирото за развој на образованието или Центарот за средно стручно образование за како да се предава одреден дел од наставната материја, за која учебникот се утврдило дека не е соодветен – додаваат во МОН.

Учебници кои се веќе одобрени и кои ќе се печатат и дистрибуират за прв пат во оваа учебна година се по предметите работа со компјутер и основи на програмирање, иновации, српски јазик за шесто и за седмо одделение, турски јазик за 9 одделение, јазик и култура на Бошњаците за трето, четвто и за петто одделение,  како и јазик и култура на Власите за седмо и за осмо одделение и јазик и култура на Бошњаците за седмо одделение.

извор: мета.мк