Несторовска : „Нема ефикасна борба против корупцијата со немоќни и зависни институции“

„Државата и корупцијата се нераскинливо поврзани.Не постои држава во светот каде што нема корупција, помалку или повеќе, во една или во друга појавна форма. Некои држави вистински се борат против корупцијата, некои само декларативно,меѓутоа ефектите од борбата се видливи и мерливи и фингираната борба тука не помага“. Ова, меѓу другото, го истакна државниот секретар при МВР, Магдалена Несторовска на денешното отворање на дводневната работилница посветена на темата – Превенција на корупцијата, судир на интереси и заштита на укажувачите, што ја организира Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со TAIEX инструментот при Европската комисија и во партнерство со Антикорупциската агенција на Република Италија.

Несторовска потенцирајќи дека во изминативе години, во име на борбата против корупцијата се донесени многу закони, хармонизирани и усогласени, со мноштво гласни декларации, нагласи дека – “нужно е широка организирана акција во општеството, зошто повеќе немаме ниту право ниту време за нови почетоци во борбата против корупцијата. Премногу долго сме на почетокот, за да бидеме апсолутни почетници“.

Притоа, државниот секретар при МВР посочи дека во овој момент од суштинско значење, не само од аспект на МВР туку генерално како општество е- “креирање прецизна и практична нормативна рамка, како и функционалност меѓу институциите задолжени за спроведување на правото, што ќе претставува нов и интегриран пристап во борба против корупцијата“.

Според Несторовска судирот на интереси, како еден од коруптивните облици во корпусот на злоупотреби од носители на јавните функции, не ќе може да се превенира доколку објективно не се насочиме кон нејзиниот најголем генератор, а тоа е политиката, односно нашето разбирање за јавните работи или јавните интереси, како алатка за лично богатење. “Судирот на интереси настанува токму во моментот кога личното, или приватното го поништува и узурпира јавното. А таквата пракса – факт е – најмногу ја имаме видено, во годиниве наназад, токму преку политиката“, рече Несторовска.

Инаку на работилницата на која што учествуваат претставници на министерствата за внатрешни работи и за правда, учество ќе земат и претставници на невладини организации, на меѓународни институции и експерти од областа на борбата против корупцијата. Една од клучните теми на која што ќе се фокусира работилницата ќе биде и разгледувањето на заклучоците донесени на работилницата за борба против корупцијата одржана во Трст во јуни годинава, во организација на TAIEX, а во рамки на берлинскиот процес.