Невреме во преспанскиот регион

Невреме со силен дожд и ветер вечерва околу 19 часот ја зафати општината Ресен и предизвика штети во с.Крани и автокампот „Крани“, како и во Претор и Наколец. Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е и електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени. Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите. Нема повредени.

Од невремето зафатени се и селата Долно Дупени, Сливница и Љубојно. Во село Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетени куќа и автомобил, а во село Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село. Сите овие села: Долно Дупени, Крани, Сливница, Претор, Љубојно, Наколец се без електрична енергија. На терен се испратени припадници на МВР ПС Ресен и ТППЕ – Ресен кои работат на расчистување на патот. Известени се ЕЛС – Ресен и останатите надлежни институции.