28/03/2024
Охрид

Николески: Нашата цел е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува

Денес на Градскиот плоштад во Охрид прес-конференција одржа професорот Ристо Николески, кој презентираше дел од предизборната програма на СДСМ и кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески.

„Охрид е град на просветителството и на писменоста, па оттука произлегува нашата обврска да создадеме услови, сегашните и идните генерации да го зачуваат и да го осовременуваат овој имиџ и во иднина.

Нашата цел е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува и нашиот град да може да се гордее со ученици кои имаат големи образовни успеси на ниво на нашата земја но и во меѓународни рамки.

Долги години наназад нашите деца учат во училници во кои има провев од сите страни, во кои прокиснуваат таваните, а подовите се распаѓаат. Токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра.

Планирана е замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, како и во сите подрачни училишни објекти кои се лоцирани во населбите и селските средини.

Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид.

Веќе е започната изградбата на Нова училишна спортска сала во Електро-машинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски”, а планирана е изградба на вакви спортски објекти во Основното училиште „Кочо Рацин“, во Основното училиште „Ванчо Николески“ во село Лескоец и во Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Освен инвестиции во инфраструктурата планирани се и вложувања за подобрување на училишната опрема и надгледните образовни средства.

Со овие инвестиции покажуваме дека знаеме да определиме приоритетите, работиме посветено, одговорно и домаќински за доброто на сите граѓани.

Нашата намера е искрена и препознаена, Охрид заслужува да оди напред, охриѓани заслужуваат повеќе! На 21-ви април одиме на уште една голема победа!“ – истакна Николески.