28/03/2024
Охрид

Николески: Решавање на проблемите со водоснабдување и отпадните води

Денес во просториите на ОО на СДСМ Охрид прес-конференција одржа професорот Ристо Николески, кој презентираше дел од предизборната програма на СДСМ и кандидатот за градоначалник на Охрид, д-р Константин Георгиески, односно Проекти за подобрување на инфраструктурата во Охрид.

„Нашата цел е да ја приспособиме целата постоечка урбана и рурална инфраструктура да биде во функција на потребите на граѓаните. Реализираме планови и проекти, ивестираме одговорно, квалитетно и домаќински, за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата населба или населено место.

Во текот на изминатот период реализиравме низа проекти за подобрување на инфраструктурата во Охрид. Извршена е изведба и реконструкција на водоводна линија на дел од улиците „Кленоец“, „Дејан Војвода“, „Крали Марко“ и „Будва“. Поставена е атмосферска каналиација на ново проектираната улица „АСНОМ“, на дел од Булевар „Туристичка“, на улица „Егејска” и на улица „Стив Наумов”. Изградена е фекална канализација на дел од улиците„15. Корпус“,„Ванчо Питошески“ и „Радојца Новичиќ“ , како и на неколку локации во село Лескоец, село Велгошти и во населбата Рача. Во фаза сме на реализација се проектите за поставување на нова водоводна линија, атмосферска и фекална канализација на улицата „Абас Емин”.

Во текот на наредниот период, планираме да поведеме сериозна иницијатива за решавање на долгогодишниот проблем со водоснабдувањето на градот Охрид и населените места од поранешната општина Косел, со изградба на нов водоснабдителен систем кој ќе ја користи водата од изворот Дувло во атарот на село Свиништа.

Проектот за изградба на новиот водоснабдителен систем е изготвен и истиот е предвиден во Развојната програма за изградба на системи за водоснабдување. Со овој проект ќе се обезбеди организирано водоснабдување со зафаќање на Свинишките Извори со доводен гравитационен цевковод во должина од 21 километар. Проектот предвидува и изградба на прекидна комора, приклучни шахти за нaселените места, хлоринаторка станица и други придружни објекти. Со овој проект се очекува во Охрид да доаѓаат околу 150-200 литри гравитациона вода во секунда.

Освен овој проект континуирано ќе вложуваме во системи за водоснабдување и одведување на отпадни води во урбаната зона и селските средини. Нашата цел е да инвестираме по приоритет, да градиме по план и да обезбедиме инфраструктура за сите.

Работиме посветено за да овозможиме посовремено туристичко и урбано живеење во Охрид, со зачувување на природните, културните и духовните богатства. Нашата визија е да обезбедиме подобри услови за развој кои ќе донесат посигурна иднина за сегашните и идни генерации во нашиот Охрид. На 21-ви април да излеземе и да гласаме за нашиот кандидат за градоначалник д-р Константин Георгиески! Заедно напред, За Охрид!“ – истакна Николески.