25/04/2024
Македонија

Николоски: Заев излажа, датум за преговори нема и овој јуни

Интегрален текст од прес конференција за медиуми на Александар Николоски, Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани,

Прес конференцијата е по повод извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија, сметаме дека е добро што десетта година по ред Македонија добива позитивна препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Тоа е добро и таа препорака треба да се реализира. Досега осум препораки не се претворија во почеток на преговори за членство заради противењето на Грција во однос на спорот со името и ветото кое што тие го поставуваа.

Минатата година Заев и Димитров се согласија на срамниот Преспански договор за преименување на Македонија. Сепак и покрај тоа и покрај потпишувањето на договорот на 16-ти јуни веќе на 29-ти јуни датум за почеток на преговори за членство во ЕУ немаше иако тоа беше најголемото ветување кое што Заев и Димитров го дадоа.

Годинешнава повторена препорака само покажува дека минатата година и Заев и Димитров како и Владата лажеа дека има датум за почеток на преговори за членство. А, нема затоа што нема реформи. Немаше реформи минатата година како што нема реформи и оваа година.

Како што стојат сега работите за жал и оваа година нема да има датум за почеток на преговори. Значи спорот со Грција го нема, но сепак нема датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.

Ако во минатото проблем беше спорот, а не изостануваа реформите, сега веќе изостануваат реформите. Нешто што го гледа целиот народ и сите граѓани на Република Македонија.

Лагите се проѕирни и излегоа на виделина.

Само да се потсетиме на стотиците изјави и интервјуа каде владата велеше дека добила датум за почеток на преговори за членство во ЕУ минатата година. Да се потсетиме дека минатата година на 30-ти јуни Зоран Заев рече: „Добивме датум за преговори јуни 2019 година“.

Еве го јуни дојде, а датум за преговори нема. Ако лани лажеа и вината ја префрлаа на други, оваа година слушаме изјави од типот ЕУ да си го одржи зборот. Како ЕУ да е некој пазарџија кој што треба да си го одржи зборот. Или слушаме како луѓе блиски на оваа власт напаѓаат пријатели на Македонија, големи европски држави обвинувајќи ги за оваа состојба и не сакајќи да се погледнат себе и да погледнат кон себе.

Вистината е дека датум немаше и за жал датум нема да има, затоа што нема реформи во клучните области. Нема реформи тоа го констатира ЕУ, тоа го констатираа земјите членки на ЕУ, а тоа секојдневно го живеат граѓаните на Република Македонија.

И овој извештај јасно потенцира слабости во многу сектори. Пред се врвот на корупцијата, состојбите во јавната администрација, состојбите во економијата и владеењето на правото.

Извештајот констатира за постоење на корупција, што е потврда на сите меѓународни извештаи за Македонија. Кои земјата ја рангираа како најкорумпирана држава во Европа. Во извештајот стои: „Корупцијата е предоминантна во многу сектори, и Владата не покажува, а треба да покаже дека борбата со корупцијата е национален приоритет“.

Ова не мора да ни го каже ни ЕУ, ова за жал го гледаме како што реков секаде околу нас.

Би сакал исто така да ја потенцирам и улогата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на овој извештај. Постојат сектори во кои што јасно се потенцира улогата на ВМРО-ДПМНЕ низ својот придонес кој што го дадовме во Собранието за подобрување на многу реформски закони и затоа сакам да им честитам и да им се заблагодарам на пратениците.

Во исто време сакам да кажам дека мината година некаде во април споменав дека дури и да се реши спорот со името во јуни нема да има датум за почеток на преговори затоа што Македонија не испорачува реформи.

Тогаш тоа беше наречено научна фантастика и за жал потоа во јуни се случи.

Минатата година исто така во ноември кажав дека со ова ниво на реформи и следната година, а тоа е оваа година нема да има датум за почеток на преговори.

За жал се поизвесно е дека датум за преговори нема да има и овој јуни и оваа година.

Еве сега кажувам ако остане оваа влада на Заев и следната година во јуни нема да има датум за почеток на преговори. Затоа што едноставно не ги бива и немаат капацитет да сработат.

Затоа решението е едно и едноставно владата да замине и да дојде влада способна и посветена да испорача прво за доброто на граѓаните, потоа и за она што е потребно како барање на ЕУ, и конечно државата да започне преговори за членство во ЕУ затоа што нашето место е таму.

https://www.youtube.com/watch?v=6S2CBVEhqsw