29/03/2024
Македонија

Николовски: Над 90% од тутунопроизводителите добија зголемени субвенции за тутунот од реколтата 2018

Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со градоначалникот на општина Прилеп имаа средби со земјоделци и тутунопроизводители во врска со плановите за новата производствена реколта за тутунот, но и за останатите мерки за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Министерот Николовски потенцираше дека за реколтата 2018-та се откупени 25,2 милиони килограми тутун, од кои над 90 отсто од земјоделците предале тутун од прва и втора класа.

„Во контекст на политиките кои ги водиме согласно тековните исплати, календарот за исплата, Програмите, навремено беа обработени списоците за исплата на тутунот од реколтата 2018-та. Имавме стабилен откуп, со просечна откупна цена од 214,2 денари за килограм, откупени се 25,2 милиони килограми, а исплатени се кон тутутнопроизводителите над 5,4 милијадри денари од страна на компаниите откупувачи. Од овие откупени 25,2 милиони килограми тутун, над 21 милиони килограми се од прва и втора класа, или над 90% од тутунопроизводителите како резултат на промена на системот на субвенционирање по класи, добиваат зголемени субвенции за прва и втора класа“, изјави министерот Николовски.

Во реколтата 2018 се засеаја 14.505 хектари со тутун што е за околу 380 хектари повеќе од 2017-та, а се склучија 33.501 договори или околу 4.700 договори повеќе од 2017-та година.

Минатиот месец во Собранието се изгласа Новиот Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, со кој е предвидено укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, процес кој ќе започне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба значајно ќе се намалат административните процедури за тутунарите на начин што, тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Новите законски одредби ќе овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите кои треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страната на откупувачот. Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање на откупни пунктови во текот на откупот, како и други придобивки за подобрување на квалитетот на услугите и задоволството на тутунопроизводителите, откупувачите, производителите на тутунски и сродни производи, потрошувачите и бизнис заедницата од работењето на тутунското стопанство.