29/03/2024
Охрид

Нискиот водостој може да предизвика штети на рибниот фонд во Охридското Езеро

Oпштина Охрид апелира до надлежните инситуции и ја апострофира сериозноста на проблемот со моменталниот водостој на Охридското Езеро, особено на делот на каналот „Студенчишта“.

Проблемот ескалира веќе одреден период наназад, што резултира со намален водостој во езерото и каналот, што може да има сериозни последици врз рибниот фонд.

За да не дојде до евентуален помор на риби, особено во делот кај Студенчишкиот канал и поплитките делови на крајбрежјето на Охридското Езеро, веќе е испратен и соодветен допис до Министерството за транспорт и врски, од кои побаравме во рамките на нивните надлежности, да преземат соодветни мерки, со кои превентивно би се избегнале поголеми еколошки проблеми. Рибата поради нискиот водостој излегува на површина и наскоро може да се случи масовно да угинува поради недостаток на кислород.

Во неколку наврати и еколозите побараа да се прекине со испуштање на вода од езерото. Тие потенцираат дека нема вода во „Билјанини извори“, а од пумпите на ЈП „Водовод“ нема дотур на свежа вода во каналот, што може да доведе до несакани последици.

За да се надмине оваа состојба, од ЈП „Водовод“ е побарано да се исклучат пумпите со кои се земам вода за пиење од каптажата „Билјанини извори“ и истата да се пренасочи преку Хидробиолошки институт во каналот „Студенчишта“ за дотур на свежа вода за да се зголеми нивото на вода и количеството на кислорот. Истото од страна на МЈП „Проаква“ е веќе превземено. Иако оваа количество на вода е значителна за водоснабдување на градот Охрид, МЈП „Проаква“, без оглед на цената на чинење, постапи по барањето со цел да се спречи еколошка катстрофа.

Дополнителен проблем е што и прогнозата за периодов кој е пред нас не носи врнежи од дожд, што, доколку не се направи навремена превенција, може да доведе до посериозни последици.