Низа активности на Црвен крст Охрид по повод Неделата на срцево-садови заболувања

Во рамки на своите здравствено-превентивни активности, а како дел од одбележување на Неделата на срцево-садови заболувања (21-28 февруари), Црвен крст Охрид организира низа активности насочени кон превенција и заштита од срцево-садовите заболувања. На 26.02.2018 г. (понеделник) со почеток во 18:00 часот во просториите на Црвен крст Охрид, д-р Марија Зимбова, специјалист интернист, ќе одржи предавање на тема Здраво срце – Ваша цел. После тоа, тимовите за прва помош и парамедиците на Црвен крст Охрид ќе даваат практични совети и техники за помош и самопомош при срцев напад, а заинтересираните ќе можат да добијат бесплатни здравствено-превентивни прегледи прегледи-мерење на крвен притисок и ЕКГ.

Воедно младите на Црвен крст Охрид минатата година изработија едукативно видео по повод Неделата на борба против срцевосадови заболувања кое е сликовито и многу корисно.

Срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртност во светот. Според податоците на Светстката здравствена организација, секоја година од болести на циркулаторниот систем умираат околу 17 милиони луѓе. Во Европа околу 50% од сите смртни случаи, се предизвикани од овие заболувања. Се повеќе заболуваат лица под 65 години возраст, односно лица во најпродуктивниот период од животот. Доколку не се преземат соодветни мерки до 2030 година, 23,6 милиони луѓе, секоја година ќе умираат од срцево-садови заболувања (главно од срцеви и мозочни удари).

Статистичките податоци за Македонија покажуваат дека и кај нас срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт.

Здебеленост, неправилна исхрана, пушење и физичка неактивност се главните причини за болестите на срцето и мозочните удари кои можат да се забележат во се помлада возраст. Таквите нездрави навики и животен стил се се почести меѓу децата и адолесцентите. Токму тоа е период кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и со фактори на ризик сведени на најмала можна мерка.