18/04/2024
Дебрца

Ногачески ниту прифатил, ниту ќе прифати регионална депонија во Дебрца

По соопштението од ОК ВМРО-ДПМНЕ Дебрца, реакција испрати Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

„Во врска со денешното соопштение од Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ Дебрца во кое се инпутира дека сум прифатил локацијата на Регионалната депонија за Југозападниот плански регион да биде во Дебрца, уште еднаш можам да го констатирам она што го напишав во еден мој претходен демант, дека нарачателите на овој текст (соопштенијата им ги пишуваат други) се попаметни додека молчат, а штом излезат во јавноста само се глупираат со небулозни соопштенија.

Ногачески ниту прифатил, ниту ќе прифати локацијата на Регионалната депонија да биде во општина Дебрца.

Ногачески не е човек од ковот на нивниот градоначалник Трајкоски, кој со советниците на ВМРО-ДПМНЕ од претходниот состав, токму за лукративни интереси (читајте, за пари) ги предаде граѓаните и дозволи во атарот на село Ново Село да бидат изградени бетонска и асфалтна база.

Да потсетиме и за тоа дека целокупната постапка за подготовка на потребната документација за изградбата на регионалната депонија започна во времето кога токму Трајкоски беше претседател на Советот на Југозападниот плански регион, а тој плашејќи се од неговата Партија, која во тоа време беше на власт, си молчеше и аминуваше.

За разлика од него, јас, како градоначалник на општината Дебрца, во сите свои настапи, па и на последната средба со Премиерот Заев и Министерот за животна средина јасно и гласно ја повторив волјата на граѓаните на Дебрца против изградба на регионална депонија.

Граѓаните на Дебрца добро знаат колку вреди мојот збор и воопшто не наседнуваат на вакви соопштенија, креирани од лица кои во изминатиот период токму на штета на интересите на граѓаните на Дебрца си ги наполнија своите приватни сметки.

Јас секогаш ќе бидам прв, со граѓаните, во одбраната на нивните интереси, и не само во однос на локацијата за регионалната депонија, туку секогаш и за се.“ – стои во демантот од градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.