28/03/2024
Дебрца

Ногачески: Од вкупно 30 села во општина Дебрца пробиени се 28

Општина Дебрца со своите служби ефикасно се справува со снежните наноси.

Од вкупно 30 села во општина Дебрца од снегот пробиени се 28, до кои се исчистени и проодни општинските патишта. Останаа уште селата Мраморец и Турје, кои ќе бидат пробиени во текот на утрешниот ден. Во делови, особено во селата од географска Дебрца се соочивме со многу снег, напиша на својот ФБ профил, градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Во чистењето беше вклучено Јавното комунално претпријатие и избраниот изведувач на зимското оддржување на патиштата, ГП „Победа“ Ботун.

„Со Директорот на ЈКП Игор Крцоски заедно, од вчера од 14:00 – 02:00 по полноќ и од изутрина од 06:00 часот до 16:00 бевме вклучени во активностите и стигнавме до сите села.  Го исчистивме и Регионалниот пат Ботун – Белчишта – Лешани – Велмеј – Брежани, кој е обврска на Македонија Пат. Знам дека ќе има можеби и некој незадоволен, но со оглед на временските услови и ситуацијата на теренот направивме се што можевме. За утре дополнително ќе се ангажираме за дочистување на некои улици во селата и пристапни патчиња. И се разбира, се надевам дека и екипите на ЕВН ќе успеат да ги решат големите проблеми кои и тие ги имаат и сите села во општината ќе добијат електрична енергија.“ – пишува градоначалникот Ногачески.

WebOhrid