24/04/2024
Дебрца

Ногачески: Трајкоски не правдај се, граѓаните на Дебрца ја знаат вистината!

Во врска со денешната објава на поранешниот градоначалник на општина Дебрца, Игор Трајкоски, испратена до медиумите, реакција испрати градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, во која стои:

„Го гледам Трајкоски, екс градоначалникот на општина Дебрца повторно неповикан се јавил со оправдување дека тој немал никаква вина во врска со локацијата за регионалната депонија во Дебрца.

Реков и ќе повторам, дека во овој момент најмалку што ни се потребни се партиските делби по ова прашање. Тоа очигледно не важи за Трајкоски, кој како да си ја ишка мувата од капата, односно сака да си ја испере својата нечиста совест.

Наместо да мафташ со некакви документи добро ќе беше да им кажеш на граѓаните на Дебрца како успеа овој за Дебрца штетен проект неприметливо да помине во време кога Ти беше Претседател на Советот на Југозападниот плански регион !? Зошто за сето ова молчеше се додека твојата Партија ја имаше централната власт ? Ти беше страв да им опонираш, така ли!? Се јави кога се беше завршена работа, да се промовираш како спасител и да ќариш предизборни поени. Ама граѓаните на Дебрца Те прочитаа и на локалните избори катастрофално Те поразија. Незаборави, кога се повикуваш на граѓаните, дека не Те победив јас, Те поразија граѓаните и затоа немаш повеќе ни трунка кредибилитет да се повикуваш на нив.

И не грижи се многу за моето работење. Тоа ќе го оценат граѓаните. За волја на вистината, доста време губам да ги санирам штетните последици од Твоето расипничко и кабадахиско практикување на власта.

Секој граѓанин е добредојден во одбраната на еколошката иднина на Дебрца, вклучително и Ти. Само ако си со искрени намери.

Во врска со Твоето потсетувањето на ветувањето на Премиерот Заев , кога тоа го правиш биди барем принципиелен. Локацијата е утврдена во време на власт на Твојата Партија и ако беше принципиелен ќе ги повикаше и нив.

И биди сигурен, јас сум и ќе бидам првиот кој заедно со сите граѓани ќе го потсетиме Премиерот Заев на неговото ветување.

И ќе ја одбраниме Дебрца и нејзината уникатност и природна убавина.“ – стои во реакцијата од градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.