23/04/2024
ДебрцаМакедонија

Ногачески: Во Дебрца регионална депонија нема да се гради, барем додека јас сум Градоначалник

По повод изјавата на градончалникот на општина Струга, Рамиз Мерко објавена на националните медиуми, во која вели дека ќе распише тендер за изградба на регионална депонија кај селото Годивје, со реакција излезе градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

 Во целост ја пренесуваме рекцијата на градоначалникот Зоран Ногачески:

„Само што ја слушнав изјавата на Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко за националните медиуми, во која изјавува дека ќе се распишел тендер за изградба на регионална депонија во Годивје и дека, како што тој вели “не можело Охрид, Струга и Кичево, со преку стотина илјади жители да бидат заложници на неколку жители во Годивје”.

Е, вака Г-дине Мерко. Во Дебрца регионална депонија нема да се гради, барем додека јас сум Градоначалник. Нема да се гради затоа што така се изјаснија граѓаните на Дебрца, на референдум. Нема да се гради затоа што ниту еден еколошки критериум не е за таков објект. И Дебрца нема да биде колатерална штета, ниту за Охрид, ниту за Струга, ниту за Кичево. Дебрца си има други проекти, а не да биде депонија за отпад на Охрид, Струга и Кичево.

Кога веќе тврдите дека тоа ќе биде депонија по сите стандарди и со бенефит за сите, Ви предлагам, за да се спасите, да си ја изградите во општината која има најголем број на жители, бидејќи логично и економски најоправдано е да биде таму каде што отпадот се создава. Така ќе си заштедите за изградба на претоварните станици и за транспорт на отпадот, кои заеднички сте ги договарале со општина Охрид .

Некој оддамнина ја уништи Дебрца, кога ја оставил без никаква инфраструктура, а денес некој друг си замислува дека ќе успее да ја доуништи Дебрца и од светилиште на природата да ја претвори во ѓубралник.

Г-дине Мерко и другите, џабе Ви е. И неколкумина, како што велите сме биле, ако останеме, нема да Ви дозволиме да поминат Вашите сулуди замисли за повторно уништување на Дебрца.
Ако сте заборавиле, ќе Ве потсетам Дебрца беше првата слободна територија во НОБ, Дебрца пак ќе воскресне. Овојпат преку еколошка револуција.

И за крај.

Г-дине Мерко, Вие можете да распишете тендер за изградба на депонија само во Вашата општина. За регионална депонија мора да ги консултирате и граѓаните на Дебрца.

А тие, јасно го изразија своето мислење.“– напиша градончалникот Ногачески на својот Facebook профил.

WebOhrid