Нов електронски систем за евалуација на ризик

Денес во просториите на Управата за јавни приходи во Генералниот даночен инспекторат се пушти во употреба Новиот Електронски систем за евалуација на ризик. Системот овозможува електронско одредување на вршење на контрола кај ризични даночните обврзници.

Вработени од Генералниот даночен инспекторат заедно со фирмата ,,We do IT solution” од Австрија а под покровителство на Австриската Агенција за развој креираа софтвер кој овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз основа на однапред утврдени и интегрирани критериуми за ризик. Критериумите за ризик се всушност софтверски имплементирани правила врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници за контрола. Овие правила се сет на математички и логички алгоритми кои вршат споредба и впарување на расположивите податоци од базата на податоци на Управата за Јавни Приходи, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства кои се адаптирани на македонскиот даночен систем. Со овој софтвер се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола, при што значително се намалува човечкиот фактор а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола. Во досегашната пракса Управата за јавни приходи користеше полуавтоматизирани процеси и софтвер за вршење на анализа на ризик, а со новиот софтвер се овозможува речиси целосна автоматизација на овие процеси. Со оваа автоматизација на процесите се очекува зголемување на ефикасноста на надворешните контроли од причина што селекцијата на даночни обврзници ќе се базира на софтверот за анализа на ризик, односно предмет на надворешната контрола ќе бидат само оние даночни обврзници кои ќе бидат утврдени како ризични. На овој начин ресурсите на Управата за јавни приходи ќе се користат многу поефикасно односно истите ќе бидат сразмерно и соодветно насочени спрема утврдениот ризик. Дополнителен бенефит од користење на овој софтвер ќе имаат даночните обврзници бидејќи ќе се намалат неефикасните контроли односно даночните обврзници многу помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на Управата за јавни приходи. Ваков софтвер се користи од страна на речиси сите модерни даночни администрации и истиот претставува основна алатка на функцијата ,,анализа на ризик”. Во однос на регионот најголем дел од земјите од регионот или веќе користат или се во фаза на развивање на истиот.

Овој Софтверски Систем е донација на Австриската Агенција за Развој од Австрија, и Австриската фирма Wedo IT solution согласно кој за УЈП не произлегуваат обврски кон донаторот а софтверот може да се користи исклучиво за потребите на УЈП. Според проценката на донаторот вредноста на донацијата изнесува 360 илјади евра. Ефективноста на овој софтвер многу ќе зависи и од негово навремено и континуирано ажурирање со измените во законските и подзаконските прописи и промените во економската состојба во стопанството.
Во тој контекс флексибилноста е една од најзначајните карактеристики на овој софтвер односно можноста за понатамошно унапредување и развивање на функциите и можностите на овој софтвер.

По денешното пуштање во употреба ќе следи негово тестирање во реални случаи односно ќе се користи за селекција на даночни обврзници за контрола, а од 01 јануари 2019 година софтверот ќе влезе во редовна употреба, како основен но не и единствен механизам за селекција на даночните обврзници за контрола.
Врз основа на наведеното може да заклучиме дека новиот софтвер за ризик претставува моќна алатка со која значително ќе се унапреди функцијата надворешна контрола што е чекор напред во остварување на стратешките реформски приоритети на Управата за јавни приходи односно создавање на модерна и развиена даночна администрација со фокус на доброволната усогласеност кон даночните обврзници.

Се надевам дека нашата соработка ќе продолжи и ќе имаме и други значајни проекти заедно со Австриската Влада, бидејќи не само Управата за јавни приходи туку на целата администрација и е неопходна дигитализација – истакна директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.