20/04/2024
Македонија

Нова донирана опрема од Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност при Амбасадата на САД

 Денес во просториите на Царинската управа се одржа состанок помеѓу директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и Џорџ Кларк, регионален советник на Програмата за контрола на извоз и гранична безбедност на Владата на САД.

Програмата за контрола на извозот и гранична безбедност, финансирана и поддржана од страна на Стејт Департментот и Министерството за безбедност на САД, во изминатите години обезбедува помош и поддршка за севкупното царинско работење, преку донирање на оперативна опрема во повеќе наврати, како и специјализирани обуки за стручна подготовка на царинските работници.

Во таа насока, на денешниот состанок беше официјално предадена опрема што како донација е обезбедена за дополнителна поддршка на капацитетите за контрола на Царинската управа. Донираната опрема со вредност од околу 18 илјади американски долари вклучува систем за контрола со видеоскоп, инструменти за мерење на густина и рачен алат.

Оваа опрема е дел од секојдневното работење на царинските службеници и игра значајна улога за подобрување на оперативните капацитети на Царинската управа и постигнување на поефикасни резултати при заштитата на границите и општеството во целина.