28/03/2024
Македонија

Нова стручна книга во пресрет на европските безбедносни перспективи и предизвици

Во согласност со тековните случувања и предизвици на европската меѓународно – безбедносна сцена, излезе во печат академското научно дело „Европска безбедносна политика – низ призма на теорија и практика“ од страна на универзитетскиот професор д-р Катерина Вељановска Блажевска, во издание на Институтот за јавни политики.

Книгата претставува сублимат на неколку области кои што во изминатиот период се посочија како предизвик за градење на европската безбедносна политика и стратегија, односно од приказот на потребата од ефикасно и ефективно дејствување на заедничката одбранбена и безбедносна политика на Европската унија, се до миграционата политика и терористичките предизвици.

Се очекува делото да биде поттик за понатамошно реформирање во насока на превентивно делување и спроведување на квалитетни безбедносни политики во европски рамки, вклучувајќи ја и позицијата на Република Северна Македонија.

Д-р Катерина Вељановска Блажевска е професор од областа на политички системи на Факултетот за безбедносни науки при МИТ Универзитет – Скопје. Во својата плодна научно-истражувачка кариера истакнува позиции на стипендист, меѓу кои од страна на Универзитет на Осло, Норвешка, Меѓународен Вишеградски фонд и Универзитет за национална безбедност од Варшава, Полска, Влада на Австрија, како и Жан Моне стипендија во домен на научно-истражувачка дејност.

Автор е на четири стручни книги, на домашната и на меѓународна сцена, два прирачници и поголем број на меѓународни научно-истражувачки трудови од доменот на политичките науки и безбедноста. Авторката е долгогодишен консултант и тренер во областа на комуникации, јавно мислење и јавни политики.