26/04/2024
Охрид

Нови сезонски летови Истанбул-Охрид со Онур ер и Татилбудур

Авиокомпанијата Onur Air и тур-операторот Tatilbudur ќе почнат да оперираат на новата сезонска рута од 15-ти април, еднаш неделно, сè до октомври.

Директни летови од Истанбул до охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“, за првпат ќе воведе турската авиокомпанија Onur Air, во соработка со турскиот тур-оператор Tatilbudur, беше соопштено денеска на заедничка прес-конференција со ТАВ Аеродроми, на истанбулскиот аеродром „Ататурк“.

Летовите до Охрид, кој на турската јавност и е познат како светски туристички центар под заштита на УНЕСКО, ќе се одвиваат секоја недела, поаѓајќи од аеродормот Ататурк во Истанбул во 13:40 часот, и враќајќи се од Охрид за Истанбул во 15:00 часот. Летовите на Онур ер до Охрид, ќе бидат со авиони од типот Ербас А320.

Говорејќи на прес-конференцијата за промоција овие летови, генералниот директор на Onur Air, Теоман Тосун, изјави:

„Ние како Онур Ер многу сакаме да летаме на дестинации кои не сме ги покривале досега. Само ни треба некој малку да нè поттикне. Татилбудур ни го даде овој поттик и сила. ТАВ нè подржаа. Многу им благодариме за тоа. Веќе го доживеавме ова во Чанаккале, сега летаме со 90 проценти искористеност, и се надеваме дека ќе биде исто и со Охрид, каде што имаме наше големо културно наследство“.

Главниот извршен директор на Tatilbudur, Џенк Ангин, изјави:

„Како Tatilbudur.com сме среќни што во 20-та година од нашето постоење ќе работиме на ваков значаен проект. Со оглед на тоа што линијата Истанбул-Охрид ќе биде прв комерцијален лет од Турција за Охрид, ова е исклучително важен проект за нас, за нашата земја, за ТАВ и за Онур Ер. Со овој проект, имаме за цел да станеме туроператорот кој ќе носи најмногу турски туристи на Балканот. Годинава, ќе организираме 22 тури до Охрид, со 23 лета. Со овие летови, ќе им овозможиме на турските туристи да патуваат по поволни цени, во шест земји без визи: Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.“

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, изјави:

„ТАВ во 2010 година ги презеде аеродромите во Скопје и во Охрид. Благодарение на нашите промотивни активности и разни соработки, успеавме да го зголемиме бројот на патници на охридскиот аеродром од 36.000 на 155.000 во 2017 година. Покрај сезонските летови од Холандија, Белгија, Англија, Израел, Полска и Србија, кои ги имаме на охридскиот аеродром, оваа година во портфолиото, освен летовите на Онур ер, ќе вклучиме и сезонски летови од Естонија. Најголемиот број на туристи во Македонија доаѓаат од Турција. Овие две земји делат длабоки историски и културни врски. Додека од Истанбул за Скопје се оставруваат по 19 летови неделно, директните летови до Охрид, со иницијативата на Онур ер и Татилбудур, ќе почнат за прв пат, и ние сме многу среќни поради тоа.’’

Охрид е едно од најстарите езера во светот и едно од четирите најголеми езера во Европа, како и една од ретките резерви на чиста вода во Европа. Заштитен од УНЕСКО, Охрид е културно богат град со препознатлива архитектура и ракотворби, каде што различни култури живеат во хармоонија со векови.

Шест градови на Турција се поврзани со Охрид

Патниците на Онур ер, освен што ќе бидат во можност да остварат директен лет од Истанбул до Охрид, во Турција ќе имаат можност да летаат во 6 градови по пристапни цени, и тоа во: Адана, Алања-Газипаша, Анталија, Истанбул, Измир и Трабзон.
Покрај за патниците кои живеат во Македонија, билетите ќе бидат достапни и за патниците од Албанија, и можат да се купат преку веб-страницата на Онур ер www.onurair.com, преку кол-центарот на следниов број: 0850 210 66 87, како и преку овластени агенти за продажба.

Тур-операторот Tatilbudur.com почнувајќи од 1997 година до денес, нуди широк спектар на производи и услуги, во моментов преку нив достапни се тури за Охрид од 7 ноќи и 8 дена, со цени кои почнуваат од 249 евра.