28/03/2024
Македонија

Ново рекордно намалување на цените на горивата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 9,18% во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно одлуката од 16.03.2020 година.

Од 24.03.2020 година, малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 5,00 денари/литар и ќе изнесува 49,50 ден/лит. Кај малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС98 се бележи намалување за 4,50 денари/литар и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 52,00 ден/лит.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 3,00 денари/литар, и од 24.03.2020 малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 45,50 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе изнесува 34,50 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува за 3,195 ден/кг и ќе изнесува 18,738 ден/кг.

Од вечерва на полноќ (24.03.2020 година) максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 49,50 (денари/литар)

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-98 52,00 (денари/литар)

Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 45,50 (денари/литар)

Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 34,50 (денари/литар)

Мазут М-1 НС 18,738 (денари/килограм)

„Ова се моменти кои во историјата на тргувањето со нафтените деривати не се паметат. Нарушениот баланс на понудата и побарувачката поради пандемијата со Ковид 19 донесе силни намалувања на цените и кај нас. Континуираното темпото на силен тренд на намалување на нафтените деривати е рекордно од кога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги има надлежност да утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати. Со денешната одлука повторно драстично ги намаливме цените на нафтените деривати што е потврда дека Методологијата по која се формираат цените на нафтените деривати ги штити интересите на потрошувачите. Сакам да потенцирам дека единствено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги е надлежна за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и за истите секој понеделник носи одлука. Сериозно ќе ги разгледаме можностите за одговорност на лицата кои од позиции во институциите шират шпекулации на цените на нафтените деривати пред официјално да се објават. Упатувам апел во оваа вонредна состојба сите да сме одговорни. Секоја шпекулација може да се одрази врз економските текови кои се хипер сензитивни во овој период.“ – посочи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски.