18/04/2024
Охрид

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид ја објави програмата за „Прличеви беседи – 2020“

НУ Библиотека „Григор Прличев“ 127 годишнината од смртта на Патронот – поетот и преродбеник Прличев ќе ја одбележи на 6 февруари во 13 часот.

Годинава се одбележуваат два јубилеи сврзани со Прличев: 190 години од неговото раѓање и 160 години од издавањето на ненадминатата поема „Сердарот“.

За животот и делото на Прличев – Вториот Хомер со свои лични навраќања кон истражувањата на неговото творештво, нераскинливо врзано за Охрид ќе беседи проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ.

Потоа ќе биде промовиран Каталогот на стари и ретки книги – издание на библиотеката. Промотор ќе биде Богомир Наумоски, библиотекар – советник од Струга.

Д-р Наде Караџовска, библиотекарски советник од Прилеп ќе ја промовира книгата „Библиотеката како медиум за комуникација“ од м-р Мариче Боздоганова, библиотекар – советник, вработена во библиотеката во Охрид.

Настанот ќе биде заокружен со Прличевата визита и настапот на Михаил и Иван Мишеви кои ќе ја изведат Прличевата „1762 лето“.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ библиотеката ја организира во соработка со Министерството за култура и Општина Охрид.