28/03/2024
Македонија

Обезбедени 15 милиони евра преку ИПА 2019 за финансирање во секторот земјоделство

Денеска во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство се одржа редовниот работен состанок на Секторската работна група во која што членуваат претставници од МЗШВ, од Делегацијата на ЕУ, од надлежните институции во секторот земјоделство, странски донатори и невладини организации.

На состанокот се разгледаа тековните проекти финансирани од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ, како и идната финансиска помош од ИПА 2019 која што е во фаза на програмирање. Воедно, беа разгледани и областите во секторот земјоделство што ќе се финансираат преку ИПА 2019, за што веќе се обезбедени околу 15 милиони евра.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски посочи дека овој состанок е добра можност за дискусија за идните приоритетни политики за развој на земјоделството.

„Развојот на земјоделството зависи од политиките и мерките што ќе ги имплементира министерството во соработка со сите чинители од секторот земјоделство. Секторската работна група ќе служи како платформа за поставување на политиките и перспективите од заеднички интерес, со цел креирање на ефикасни политики за развој на земјоделството. Работната група ќе се осврне на потребата за приспособување на земјоделската политика во земјата, врз основа на релевантни детални анализи, истовремено земајќи ги предвид неопходните прилагодувања поради процесот на приближување кон ЕУ“, порача министерот Николовски.

Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини, порача дека ваквите средби придонесуваат за успешна реализација проектите што се финансираат од ЕУ, затоа што во комуникација со јавниот сектор се добива прецизна информација што треба да се сработи и каде треба да се инвестира. Бертолини ја пофали работата на Секторската работна група на МЗШВ, како најдобра од сите три кои со кои ЕУ во моментов работи.

„Се гледа голема посветеност во реализацијата на проектите.На овој начин ќе може да има развој на национално и на регионално ниво, и регионите поделени на просечни и потпросечни да се донесат на ниво на израмнување со што би се подобрила конкурентноста помеѓу нив“, изјави Бертолини.

Присутните го презентираа текот на проектите финансирани од ИПА, секоја во својата област, при тоа посочија во кои делови име е потребна поголема помош и финансиски средства.

Дел од крупните проекти кои ги спроведува МЗШВ со помош на ЕУ, се проектите во делот на консолидација на земјоделското земјиште, руралниот развој, шумарството, Платежната агенција, храна и ветеринарство, заедничка организација на пазарот за земјоделски производи, системите за наводнување и фитосанитарната политика.

Во следниот период Секторската работна група ќе се посвети на постојана координација и комуникација и запазување на динамиката на реализација на проектите.

Земјоделството и руралниот развој се еден од клучните приоритети на Владата на Република Македонија, за чие што унапредување и доближување до европските регулативи, од големо значење е поддршката од Европската унија и од донаторската заедница.