16/04/2024
Охрид

Обновена сцената на Античкиот театар

Националната установа Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид во соработка со Националната установа „Охридско лето“ ја реконструира сцената на Античкиот театар.

Станува збор сцена со површина од 270 метри квадратни која поради дотраеност беше во исклучително лоша состојба. Градежните зафати ги извршија екипи на јавното локално претпријатие „Градски гробишта“ и технички лица вработени во Завод и Музеј – Охрид, кои неуморно работеа во текот на изминатите осум дена.

Директорот на претпријатието „Градски гробишта“, Ванчо Костоски вели дека сцената е комплетно реконструирана и сите настани што се закажани на Античкиот театар можат да започнат непречено.

„Како и во текот на изминатите години, нашето претпријатие помага во активностите на фестивалот „Охридско лето“ и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид. На сцената на Античкиот театар комплетно го заменивме дрвениот под со ново и квалитетно дрво, поставивме соодветна изолација, а во најгорниот слој е ставена водоотпорна иверка,“ – појаснува Костоски.

В.д. директорката на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј -Охрид, Елеонора Новаковска потсетува дека претходно, оваа национална установа ги префарба платформите и пристапните скали до платформите на Античкиот театар, кои беа целосно реконструирани пред почетокот на минатогодишната сезона.

„Целосната обнова на сцената на Античкиот театар се одвиваше во соработка помеѓу двете национални установи, Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј и Охридско лето,“ – вели Новаковска.

Според неа, за ваквите зафати врз културно-историските добра е особено важна соработката, не само помеѓу институциите од областа на културата, туку и со Локалната самоуправа која, како што вели, излегува во пресрет преку ангажирање на јавните локални претпријатија.

„На тој начин се придонесува, не само за афирмација и промоција на нашето културно наследство, туку и за јакнење на јавната свест за неговите вредности и значење. Ваквиот начин на работа и воспоставување на соработка е многу е важен и за одржливиот развој. Ние како институција инвестираме, но со издавање на објектите, парите се враќаат назад и повторно ги користиме за одржување на објектите и локалитетите кои се под наша надлежност.Така, сите интервенции околу сцената, платформите и скалилата на Античкиот театар ги правиме со средства од сопствената сметка, поточно од сметката на нашата институција,“ – додава Новаковска.

Новата сцена на Античкиот театар, како што објаснува директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ ќе биде од исклучително значење за уметниците коишто настапуваат на овој археолошки локалитет, особено за отворањето на оваа најголема музичко-сценска манифестација во Македонија кое по традиција, секоја година, на 12 јули се одвива токму на Античкиот театар.

„Реконструкцијата на сцената на Античкиот театар значи многу за нас, како национална установа која ги носи најзвучните светски имиња од светот на музиката и театарот. Ние, заедно со мегапопуларната британска виолинистка Ванеса Меј, ја имаме честа први да застанеме на обновената сцена на овој наш најголем археолошки локалитет. Ванеса Меј на 12 јули на Античкиот театар ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ ,“ – вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Педесет и деветтото издание на фестивалот „Охридско лето“ свечено ќе биде отворено в петок на Античкиот театар, со почеток во 21 часот.