18/04/2024
Писма/Колумни

Обраќање на охридскиот екологист Лазо Наумоски по повод Светскиот ден на животната средина

По повод – 5 ти Јуни светски ден на екологијата, и проблемот со идниот концесионер за лов и риболов на Охридското Езеро, кој да биде иден концесионер и кој вид на риболов во иднина би се применувал на истото:

– стопански и
– Спортски риболов

Почитувани претставници на централната власт на Република Македонија, почитувани министерства за животна средина, земјоделство, локална самоуправа, правда и економски развој; почитувани градоначалници на Охрид, Струга и Дебрца, Охридското езеро како економски потенцијал, заедно со неговата водена маса од 58км3 вода, неговата флора и фауна, езерската обала за развој на езерскиот туризам им припаѓа на претходно споментите локални самоуправи.

Долгорочно гледано, претходните неколку децении, како концесионери на Охридското езеро беа приватни лица односно приватни концесионери.

Секогаш приватниот концесионер, го интересира да излови што повеќе риба од езерото и не размислувајќи за последиците со кои ќе се соочи рибниот фонд на Охридското езеро.

Јас како иницијатор за мониторинг односно забрана за риболовот на Охридското езеро, и автор на книгата “Битка за спас на Охридската ендемична пастрмка од нејзино истребување”, од стручен, научен и еколошки аспект, го образложив целиот проблем со уништувањето и деградацијата, со посебен осврт на воведувањето на високите пловечки мрежи како риболовен алат во Охридското езеро уште од далечната 1986 и 1987 година.

Во петтото поглавје од мојата книга, дадов широко стручно, научно и еколошко образложение во кој правец во иднина треба да се движи риболовот на Охридското езеро.

Охридското езеро треба да се прогласи за природен матичњак за добивање рибен подмладок на Охридска пастрмка, за да се порибува:

– Охридското езеро со неговите сливни реки

– Сите други природни и вештачки езера и реки, да се порибуваат во Република Македонија каде за тоа одговараат условите.

За потребите на туризмот, Охридската пастрмка да се одгледува во приватни рибници во сливното подрачје на Охридското езеро.

Како идни концесионери на Охридското езеро во иднина ги гледам: локалните власти на Охрид, Дебрца, Струга и Поградец.

Идниот развој на риболовот на Охридското езеро го гледам со развој на спортскиот риболов поврзан сотуризмот.

За да се реализира оваа иницијатива, неминовно е локалните власти на Охрид, Дебрца, Струга и Подгрдец, да се договорат на денот на Охридското езеро 22ри Јуни, кој секоја година традиционално се организира од страна на споменатите локални самоуправи кои гравитираат на обалата на Охридското езеро.

Со оваа иницијатива, огромни се можностите, да се добијат економски моќни и јаки локални самоуправи за да можат да ги решаваат сите економски, еколошки и туристички активности кои ќе бидат од огромен интерес за Охридското езеро и граѓаните кои живеат во градовите кои фигурираат на обалата на Охридското езеро.

Наумоски Лазо, дипл. инженер агроном, експерт по Аграр и Екологија и независен екологист од Охрид.

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.