29/03/2024
Македонија

Од почетокот на идната година АХВ почнува со одобрување на превозниците на живи животни

Агенцијата за храна и ветеринарство од почетокот на идната година почнува со спроведување на активности за одобрување на комерцијалните превозници на живи животни. Станува збор за активности кои треба да се реализираат во согласност со одредбите за заштита и благосостојба на животните за време на превоз од Законот за заштита и благосостојба на животните и Правилникот за заштита и благосостојба на животните за време на превоз.

Со одобрувањето на превозниците, опфатени ќе бидат комерцијалните превозници за кратки патувања (оние кои превезуваат животни подолго од 65 километри во еден правец, а времетраењето на патувањето е пократко од 8 часа), како и превозниците кои вршат комерцијален превоз на живи животни на долги патувања (времетраењето на патувањето е подолго од осум часа).

Возачите и надзорниците на патувањето (за кратки и долги патувања) неопходно е да поседуваат и Уверение за компетентност, документ кој ќе го издава Центарот за благосостојба на животните при Факултетот за ветеринарна медицина Скопје, врз основа на спроведена обука и положен испит за превоз на живи животни.

Комерцијалните превозници за долги патувања, покрај одобрението за превозници за долги патувања, неопходно е да поседуваат и одобрение и за превозно средство (сертификат за превозното средство), документи кои ќе ги издава Агенцијата за храна и ветеринарство, врз основа на спроведена контрола на документацијата и извршената контрола на самото превозно средство од страна на стручна комисија од Агенцијата за храна и ветеринарство и официјалните ветеринари.

Одобренијата за превозници за кратки и долги патувања, одобрението за превоз за долги патувања како и уверението за компетентност на возачите и надзорниците на патувањето се со рок на важност од 5 години.

Одгледувачите на животни кои вршат превоз на своите животни, со сопствени превозни средства, на релации кои се пократки од 50 километри во еден правец, во случај на миграција на животните како и при директен превоз на животни од или кон ветеринарно друштво по препорака од страна на доктор по ветеринарна медицина, не е потребно да бидат одобрени како превозници, но, во секој случај треба да бидат исполнети општите барања за превоз на животните согласно Законот за заштита и благосостојба на животните.

Информациите за постапката за одобрување на превозниците сe објавени на веб страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство www.fva.gov.mk

УПАТСТВО ЗА ПРОЦЕДУРАТА ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА ПРЕВОЗНИЦИ НА ЖИВИ ЖИВОТНИ