29/03/2024
ДебрцаОхридСтруга

Од утре до сабота – традиционална книжевна манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“

Традиционалната Книжевната манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“, годинава, во терминот од 5 до 7 јули, прераснува во регионална со настаните што ќе се одржат на повеќе локации во општините: Струга, Охрид, Дебрца и Вевчани, додека по бројноста и нивото на учесниците од Македонија, Србија, Хрватска, Албанија, Русија, Германија и Словенија – е интернационална.

Ова, го нагласи претседателот на Културниот центар „Бран“ и главен и одговорен уредник на „Бранувања“, Петко Шипинкаровски на денешната прес-конференција во Охрид.

На манифестацијата, во улога на автор, доага и членот на Светската Академија за поезија при УНОСКО од Верона, Мајо Даниловиќ, кој, истовремено, е и претседател на Одделот за Балканот и словенскиот свет.

Учесниците, ќе бидат примени од градоначалниците на Струга, Рамиз Мерко, на Вевчани, Сашо Јанкоски и на Дебрца, Зоран Ногачески.

„Тридневнмата манифестација содржи бројни случувања, како поетски читања, ликовна изложба, мала Ликовна колонија, промоции на книги, доделување на наградата, „Струшко слово“ на добитниците за 2018 година Никола Шимиќ Тонин (Хрватска) и Јордан Ѓорчев (Македонија), доделување на наградата „Крсте Чачански“ и „Јован Котески“ за 2018 година, доделување на наградата „Книжевна далга“, за 2018 година, на добитникот Виктор Шеќероски, како и доделување на наградата „Книжевни бранови“ за најдобра прочитана песна на средбите.“ – потенцираше Шипинкароски.

За учесниците е планирано разгледување на Ликовната галерија во село Белчишта, на природниот резерват “Сини Вирој”, посета на родната куќа и “Спомен собата” на писателот Ванчо Николески, родоначалник на македонската литература за деца во село Црвена Вода. За овој дел од програмата, информираше новинарот и писател-публицист Веле Митаноски, инаку, по потекло од Црвена Вода.

„Во Црвена Вода, на 7 јули (Иванден), со почеток од 12 часот, ќе се одржи последната манифестација од Книжевната манифестација „Струшки книжевни средби – 2018“. Уучесниците и присутните гости, ќе имаат можност да го погледаат ИЗБОРОТ од вредните дела на реномирани ликовни уметници – учесници на Ликовната колонија “Дебрца”, меѓу кои: Јордан Манасиески, Ѓоко Целески, Васко Ташковски, Јоне Симонче, Вангел Наумоски, Сергеј Андреески, Мето Георгиевски, Петар Мазев и многу други.“ – нагласи Митаноски.

На самото место, на мини ”Ликовната колонија”, свои ликовни дела ќе создава познатото уметничко и брачно дуо: Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, единствени, како такви, на Балканот.

Поетите ќе читаат песни од своето творештво.

Македонските и српски писатели се членови на здружението „Бран“ од Струга и „Седумка“ од Франкфурт на Мајна – Германија, додека од Хрватска,се членови на “ХKД” од Задар и “Ритам мисли” од Вараждин.

Тие во Македонија доаѓаат во соорганизација на невладината асоцијација, “Хрватско-македонската Тагента”, чии членови и задолжени лица, по одделни области, се новинарот Веле Митаноски и амбасадорот Љупчо Арсовски, кој и ќе ги поздрави.