29/03/2024
Струга

Од вечерва, Вевчани обоено во колоритот на народната традиција и култура: Фестивал „Пображење“

Во организација на КУД „Дримкол“ од Вевчани. а под покровителство на Министерството за култура и општина Вевчани, од денеска во ова питоресктно село иистоимена општина, се одржува 9-тото издание на Фестивалот за народна култура „Пображење“.

Речиси 500 уметници од повеќе земји, во текот на наредните три дена, ќе ја презентираат народната култура пред Вевчанската публика и пред многубројните туристи и гости кој токму овие денови престојуваат во Вевчани и регионот.

Фестивалот започнува вечерва во Домот на културата со презентација на Етнолошки документарни филмови, а како учесници оваа година со свои авторски дела ќе се претстават: др. Владимир Боцев („Возот за Мартолци“), Елзи Иванчич Дунин и Даниел Петровски (Са О Рома) и Бојан Петковски (филмувана реконструкција „Лазарице“).

Свеченото отворање е утре на летната сцена каде во наредните денови својот фолклор ќе го презентираат Македонски ансамбли и фолклорни ансамбли од Германија, Естонија, Словачка, Хрватска, Полска, Србија.
Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот секоја година се реализира и програмската содржина: „Народната култура во Вевчани, инспирација за ликовните уметници“, а учесник оваа година е Аница Китаноска-Вевчанска, студент на академијата за убави уметности во Равена, Италија.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Велика Стојкова – Серафимовска, проф. д-р Даворин Трпевски, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на традиција“.

Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово, на 19-ти август со етно звуците на Вокално инструменталниот состав „Аманет“ од Скопје и Фолклорниот ансамбл при Центарот за традиционална култура од Вараждин, Хрватска.

Веле Митаноски