19/04/2024
Македонија

Одбележан Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе

„Денеска, на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе – 18 Октомври, предлагам да се потсетиме уште еднаш на фактот дека трговијата со луѓе не е само кривично дело со елементи на организиран криминал, туку многу повеќе флагрантно кршење на основните човекови слободи и права, повреда на човечкото достоинство и интегритетот или, со други зборови кажано, модерно ропство. Ропство, кое за жал, не заврши во 19-иот век, туку само ја смени својата форма во трговија со луѓе“, истакна на почетокот на прес конференцијата по повод 18 Октомври – Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе, државниот секретар на МВР, а воедно и национален координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, м-р Магдалена Несторовска.

На прес конференцијата беше претставен и почетокот на Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови.

Кампањата се спроведува во рамки на проектот „Зајакнување на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе“, кој е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Фондот за развој на ИОМ, а е имплементиран од страна на Меѓународната организација за миграции – ИОМ, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.