19/04/2024
Охрид

Одбележан Меѓународниот Ден на мирот

„Глобалната климатска опасност е закана за сигурноста и стабилноста“ е мотото под кое денес се одржа традиционалниот Марш на мирот, а по повод 21 Септември меѓународниот дена на мирот.

Претседателката на Советот на Општина Охрид, Живка Ангелоска се обрати на свеченоста што по тој повод се одржа на плоштадот Св. Климент Охридски.

Во своето обраќање пред присутните Ангелоска истакна:

– Огромна е честа да се присуствува на одбележувањето на Светскиот ден на мирот, 21 септември кој годинава се одбележува со марш на мирот   под мотото„ „Глобалната климатска опасност е закана за сигурноста и стабилноста“.Славејќи ја вредноста на мирот  никогаш не смееме да го заборавиме минатото, но мора да ветиме дека нема да дозволиме нашата невина младина да ги преживее истите работи кои други морале да  ги преживеат. Затоа мора да бидеме внимателни и сериозно да  пристапуваме кон секоја опасност која може да го „заниша“ нашиот мир .Сите сплотени во рамки на своите надлежности мора да   изнајдеме решение  и да се соочиме со климатските промени кои се закана за сигурноста и стабилноста на целиот Свет. Сведоци сме на заканувачките пожари кои ги разорија „белите дробови на Светот “ во Амазонија. Секојдневно се соочуваме со пожари и во нашиов регион. Климатските промени стануваат се посериозна закана за сите нас но и предупредување дека политиките на поделби мора да завршат, човештвото се наоѓа пред сериозен предизвик. Тогаш кога ќе ги надминеме идеите за доминација на една држава над друга и кога градењето безбедност на една држава на сметка на друга ќе останат  во минатото , ќе успееме да создадеме подобра и посигурна иднина за сите нас. Светот во 21 век е мултиполарен. Само обединување на рамноправни, слободни држави ќе може  да го одржи мирот и да ја спаси планетата од падот во бездната на војната.  Само сплотени и единствени можеме да се соочиме со климатските и други видови опасности кои демнат над човештвото.

На Меѓународен ден на мирот, да се потсетиме на  големата  порака на поранешниот Генерален секретар на ОН, Бан ки Мун :  „Сите  да се заложиме да ги учиме нашите деца за вредноста на толеранцијата и меѓусебното почитување. Да инвестираме во училиштата и наставниците кои ќе изградат фер и инклузивен Свет кој ја прифаќа различноста. Да се бориме за мирот и да го браниме со сета наша сила“ – рече Ангелоска .

Пред присутните свој говор имаше и потпретседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Љубуша Машановиќ, а беше положено и цвеќе пред спомен обележјата на паднатите борци и илинденци во градскиот парк.

Во рамки на свеченоста се одржа и пригодна културно-уметничка програма во која зедоа учество најмладите од ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, учениците од ОУ„Братство-Единство“, а овогодинешната пораката за мир од Обединетите нации ја прочита Павел Маслов од Охридскиот Народен театар.

Организатор на настанот е Општинската организација на СБ од НОАВМ 1941-1945 , грѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца и Локалната самоуправа на општина Охрид.