Одбележан Меѓународниот ден на задруги, во соработка со МАЗЗ и МЗШВ

По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на задругите, денеска во просториите на Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство на Република Македонија се одржа конференција на Асоцијацијата на земјоделските задруги под мотото „Одржливо Општество низ Соработка“ , со тема „Одржлива конзумација и производство на добра и услуги“.

МАЗЗ со поддршка и соработка од МЗШВ по седми пат се приклучи кон повикот на Интернационалната Асоцијација на Кооперативи за одбележување на Меѓународниот ден на задругите, овој меѓународен ден е прогласен од страна на Организацијата на Обединети Нации да се одбележува секоја година во првата недела од месец јули.

„Задругите се иднината на модерното земјоделство, здружените земјоделци по успешно се справуваат со проблемите со пласманот на земјоделските производи, преку ваквото здружување во задруги,земјоделците можат полесно да аплицираат за финансиска поддршка преку програмите на МЗШВ, но и до средствата од европските фондови, ние како Влада и ресорно министерство работиме на превземање мерки кои ќе придонесат кон зголемување на бројот на задруги“ – истакна Заменик министерот Благе Цветковиќ.

Република Македонија располага со мал број на задруги,вкупно се регистрирани 38 задруги, преку кои само 9 отсто од вкупното производството се пласира.

„Последната државна поддршка за земјоделските задруги беше објавена пред 5 години, со таа цел се изготвува правилник кој треба да воведе поинаква мерка, која ќе треба да даде правилна насока, а целта е земјоделците заеднички да излезат на пазарот преку откупни,собирни центри и калибрирано производство“ – посочи Трајан Димковски,шеф на Кабинет на министерот за земјоделство.

Оваа конференција според претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) Менде Ивановски има за цел да испрати порака до земјоделците и да ги потикне во нивно здружување за полесно решавање на проблемите со пласманот.

„Се уште има влијание од поранешна Југославија и тогашната пракса на задругите, но мора да се приспособиме кон модерното здружување, како на пример во Шпанија каде што 90 отсто од вкупното производство се пласира преку задругите“ – истакна Ивановски.

На оваа конференција учествуваа, Заменик министер Благе Цветковиќ, шеф на Кабинетот на МЗШВ Трајан Димковски, претседателот на Македонската асоцијација на земјоделски задруги (МАЗЗ) Менде Ивановски, како и други претставници на задругите.