29/03/2024
Охрид

Одбележана десеттата годишнина од потонувањето на бродот „Илинден“

Пред спомен обележјето на градскиот кеј, денеска беше одбележана десетгодишнината од најголемата бродска несреќа на Охридското Езеро, потонувањето на бродот „Илинден“. Букети свежо цвеќе, пред спомен обележјето, положија заменик-градоначалникот Ристо Николески, амбасадорот на Република Бугарија во Република Северна Македонија Ангел Ангелов и генералниот конзул Димитар Иванов, како и претставници на Капетанијата на пристаништата, Здружението 5 септември, политички партии и здруженија на граѓани.

На одбележувањето беа презентирани и скици од новиот споменик, кој е изработен, а ќе биде поставен по донесувањето на одлука на Советот на општина Охрид и усвојувањето на петгодишниот план за споменици и спомен обележја.

Несреќата се случи на 5 септември 2009 година во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ со 57 патници, од кои 15 туристи од Република Бугарија го загубија животот.

„Денес се собравме тука да одбележиме 10 години од трагедијата на Охридското Езеро каде загинаа 15 бугарски жители. Верувам дека можеме да извлечеме некои поуки. Прво, за сите нас на Балканот е многу важна модернизацијата и членството во ЕУ и НАТО, зошто самата модернизација ни ги дава и прописите и неопходната организација за безбедност, за сигурност во Езерото и еве гледате за 10 години колку се променети работите на пристаништето и бродовите, колку се поразлични. Второто нешто е заедничката историја помеѓу Бугарија и Северна Македонија, за добро или за лошо, тука е многу важно како ги прикажуваме работите, во случајов двете држави го гледаат овој настан како една трагедија. Третото нешто е степенот на зрелост на едно општество, кој се искажува со почит кон мртвите. Ако имаме почит кон мртвите значи ние сме зрели како општество и верувам дека во најскоро време Општина Охрид ќе преземе иницијатива за изработка на еден споменик кој ќе претставува достоен начин на почит за смртта на бугарските туристи во Охридското Езеро.“ – изјави амбасадорот на Бугарија, Ангел Ангелов.

„Денес сме тука да одбележиме 10 години од најголемата бродска трагедија која се случи во Охридското Езеро на 5 септември 2009 година. Сончев ден, мирно езеро, но никој не навестуваше дека ќе се случи таква трагедија, но ете се случи. Добро е што тука сме собрани во голем број, како што кажа и почитуваниот амбасадор, величината на еден народ се гледа во одбележувањето и почитта кон мртвите, тука имаме голем број организации и друштва кои го одбележуваат овој настан се со цел како што пишува и тука на спомен обележјето „да не се заборави“.“ – изјави заменик-градоначалникот на општина Охрид, Ристо Николески.

„Техничката исправност е една работа која што се пазела и во тој период, меѓутоа потребно е голем број на контроли и менување на свеста на оние кои носат одговорност за безбедноста во вода. Оваа несреќа е една црна точка во целата наша наутичка историја, меѓутоа е еден добар правец каде треба понатака да се движиме, односно што е тоа што допринело до таа несреќа да го анулираме во идниот период. Бродовите се во одлична состојба, имаме новоизградени бродови, ремонтирани бродови кои одат под најстрог можен надзор од страна на класификациското друштво. Најважното нешто е што се промени и во се уште е во тек промената на свеста кај сите оние кои што учествуваат во водниот сообраќај, тоа е најважното нешто. После бродската несреќа со бродот „Илинден“ јас ви тврдам дека ниеден од капетаните веќе не е ист во својата психа, во својата свест, таа е далеку поподигната и постојано прати мислата дека опасноста демне во секој момент“. – изјави капетанот Горан Устијаноски.