18/04/2024
Охрид

Одбележана годишнината од смртта на Марко Бошнаков

Општина Охрид на пригоден начин ја одбележа 112 годишнината од смртта на Марко Бошнаков.

Општинска  делегација  како и претставници од политичкиот и јавниот живот од  Охрид  положија цвеќе пред спомен-плочата  на родната куќа  од  охридскиот гемиџија по што за наговиот живот и дело историски час одржа професорот, Ристо Николески.

-Бошнаков е роден 1878 година во Охрид. Бил член на Гемиџиите додека учел во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ и учествувал во Солунските атентати заедно со Павел Шатев, Георги Богданов и Милан Арсов. Намерата на овие напредни сили била да се  скрене вниманието на Европа кон проблемите со кои се соочувала Македонија. Гемиџиите, биле уапсени и изведени пред специјален суд. Сите четворица биле осудени на смрт, но подоцна казната била преиначена во доживотен затвор. Марко Бошнаков починал на 15 февруари 1908 година в Мурзук, во либиската провинција Фезан. Неговиот череп од страна на Павел Шатев и Богданов бил донесен во родната татковина. Посмртните остатоци од Марко Бошнаков, биле пренесени во црквата Св. Константин и Елена во Охрид, потсети професорот Николески и посочи дека Ликот на охридскиот гемиџија е симбол на македонскиот опстој и непокор, пример на највозвишен хероизам и саможртва, тој е синоним за човечкиот отпор и одлучноста да се истрае во борбата за идеалите за слободна татковина.