19/04/2024
Охрид

Одбележан 9 декември, денот на превенцијата и превентивното полициско работење

Со пригодна средба, СВР Охрид го одбележа 9 декември, денот на превенцијата и превентивното полициско работење. Годинава се навршуваат 10 години од оформувањето на одделението за превенција при СВР Охрид кое, со својата работа, заедно со Канцеларијата за односи со јавноста, започна во 2008 година. Со тоа, се стави акцент на превентивната работа на полицијата и на нејзината транспарентност, со што се градеше новиот лик и новиот имиџ на полицијата во демократските општествени заедници.

Во основата на превентивното работење лежи потребата од дијалог на полициските службеници и граѓаните, со цел лоцирање и идентификување на безбедносните проблеми во локалната заедница и изградба на заеднички (тимски) ефикасен систем за заштита од криминалот. Истовремено тоа е обид за градење на партнерство (пријателство)со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми и изнаоѓање на најдобри решенија со кои ќе се намали стапката на криминалитетот, ќе се спречат штетните последици по граѓаните и општеството а воедно ќе се подобри целокупната безбедносна состојба.

Концептот на превентивната полициска работа претпочита спроведување на законот врз база на проекти и програми за соработка на полицијата со граѓаните и нивна практична имплементација. Во своето проактивно полициско работење, СВР Охрид во соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, мисијата на ОБСЕ, со локаните самоуправи и со низа други институции на локално ниво, реализира повеќе проектни активности, меѓу кои ги издвојуваме: Соседска патрола, На кафе кај соседите, Нови згради нови жители, Бизнисот и безбедноста, За спортот заедно, Полицијата и граѓаните заедно, Почитувај ја различноста, Да ги заштитиме децата во соообраќајот, Превенција од дрога, алкохол и цигари, Безбедни матурски и полуматурски вечери, Безбедни училишта, Стоп на насилството,Превенција од кражби на плажа , од моторни возила , на паричници, Безбедност на вода и други.

На пригодната свеченост, началникот на СВР Охрид Сашо Смилески, на градоначалниците на општините Охрид и Дебарца, Јован Стојаноски и Зоран Ногачески, како и на претставниците на образовните центри и на други партнери при спроведувањето на превентивните кампањи, им додели благодарници за успешната соработка.