24/04/2024
Охрид

Одржан хуманитарниот концерт ROCK’N’MOB

Силен ветар ги полнеше едрата на младоста, забавата, хуманоста кои беа обележја на првиот балкански музички перформанс ROCK’N’MOB (Рок мобилизација), со хуманитарен карактер, што во организација на Црвен крст Охрид се одржа денес на Градскиот плоштад во Охрид.

Повеќе од 70 изведувачи, музички групи и пеачки вокали од Охрид и Струга ги загреаја срцата на бројните охриѓани и гости кои активно го следеа ритамот на познати песни на U2, Queen, Pink Floyd, Linkin Park, Nirvana i AC/DC во изведба на нашите талентирани музичари. Овој настан беше поддржан од светската Rock’n’mob асоцијација, а пораката за мир, хуманост, толеранција, солидарност, емпатија и поддршка на ранливите и немоќните, која беше упатена од денешниот настанот, се рашири низ целиот свет преку интернет пренос во живо.

Средствата собрани во собирните каси на Црвен крст Охрид ќе придонесат за радосни Новогодишни празници да имаат и децата од ранливите категории во Охрид.

Црвен крст Охрид изразува голема благодарност до сите учесници-музичари и посетители на денешниот музички настан, до фирмата за озвучуање ЕЛБО, до Општина Охрид, ОСУ „Кирил и Методиј“, IMPACT GROUP, City Light Media, Мегапродукција, плесното студио Соната, до медиумите и секако до волонтерите од Клубот на млади на Црвен крст Охрид.