28/03/2024
Македонија

Одржан работен состанок со Националната федерација на фармери

До крајот на септември се очекува да биде подготвен текстот на нацрт Правилникот за ставање во промет на мали количини производи од животинско потекло и во географско ограничени услови, кој го подготвува работната група во која учествуваат претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Факултетот за земјоделски науки и храна и невладината организација Слоу Фуд, информира на работниот состанок кој вчера го одржа директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов и раководни лица од Агенцијата со претставници на невладината организација Национална федерација на фармери. Тој предложи, во оваа работна група свој член да предложи и Националната федерација на фармери и објасни дека со донесувањето на овој подзаконски акт ќе им се овозможи не само на земјоделците туку и на операторите со храна пофлексибилни услови за производство и преработка на производите од животинско потекло.

-Агенцијата е отворена за соработка и за спроведување на понатамошни заеднички активности и со Националната федерација на фармери во поглед на информирање и едукација на примарните производители- порача Атанасов.

Билјана Петровска Митревска, претставник од Националната федерација на фармери објасни дека барањето на Федерацијата за остварување на средба со Агенцијата за храна и ветеринарство е препорака од земјоделците која произлегла од Првиот земјоделски форум за пласман, организиран од страна на Федерацијата, на кој било актуализирано прашањето за законско регулирање на продажбата на земјоделски производи непосредно од фармите на земјоделците, по примерот како е ова прашање регулирано во европските земји.

Стеван Орозовиќ од Националната федерација на фармери побара информација од Агенцијата за активностите кои се спроведуваат за заштита и спречување на болеста Јазлеста кожа кај говедата, за што како што беше информиран од раководителот на Секторот за инспекциски надзор Ванчо Новоселски, како најефикасна мерка за контрола на оваа болеста е вакцинацијата на говедата, активност која во соработка со ветеринарните друштва во изминатиот период ја реализира Агенцијата.

Митревска ги информира присутните на состанокот дека информира дека Федерацијата планира во октомври да спроведе едукативни средби со сточарите со цел да ги информира за производството на квалитетно млеко и како тоа да се подобри до 2020 година, период, како што кажа, од кога млекарниците ќе можат да откупуваат само млеко од прва класа, додека другите класи ќе бидат наменети за преработка. Со цел да се информираат сточарите навреме, да не се прави забуна кај нив, но и револт на стартот на 2020 година, Федерацијата ќе ги организира овие средби, на кои побара да присуствуваат и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство кои на сточарите ќе им дадат детални информации за условите кои треба да ги исполнат.

Директорот Атанасов потврди дека Агенцијата ќе излезе во пресрет на барањето на Федерацијата и ќе номинира свои претставници кои ќе учествуваат на средбите со сточарите.