25/04/2024
Македонија

Одржан состанок на Советодавно тело

На 26 ноември 2018 година, во Царинската управа се одржа состанок на Советодавното тело на кој на претставниците на деловната заедница им беше презентиран новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи со што започнува ерата на дигитализација на Царинската управа.

Новиот систем ќе го замени досегашниот систем ASYCUDA и сите постапки кои се одвиваат со хартиени документи ќе бидат заменети со електронски. Системот ќе почне да се применува на почетокот на 2019 година, прво во пилот испостави во секоја од петте царинарници, при што процесите ќе се одвиваат паралелно и во стариот и во новиот систем, а од средината на 2019 година ќе биде ставен во продукција на целата територија на Република Македонија. Во овој период Царинската управа ќе спроведе обуки на царинските застапници и другите економски оператори кои ќе го применуваат системот.

Претставниците на деловната заедница беа информирани и за мерките кои ги спроведува Царинската управа за реформа на системот за издавање на дозволи и одобренија за нетарифни мерки, односно забрзување и олеснување на царинските постапки преку спроведување на инспекциски надзор врз определени стоки во испоставите за стоково царинење, наместо во граничните царински испостави.

Беа презентирани Предлог правилата за подобрување на системот на реекспорт и беа презентирани новите курсеви за електронски учење. На интернет страната на Царинската управа се поставени нови 14 курсеви за електронско учење, наменети за деловната заедница и царинските службеници кои овозможуваат изучување на царинската регулатива.