19/04/2024
Македонија

Одржана 46-та седница на Владата на РМ

Владата на Република Македонија ја одржа 46-тата редовна седница со повеќе точки на дневниот ред.

На седницата е донесена одлука за утврдување на максималниот износ на ново задолжување преку издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2018 година.

Максималниот износ на новото задолжување со издавање на државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2018 година ќе изнесува 5.454.000.000,00 (пет милијарди четиристотини педесет и четири милиони) денари.

Издавањето на државните хартии од вредност се врши согласно Календарот за планираните емисии на државните хартии од вредност кој го утврдува и објавува Министерството за финансии на почетокот на периодот за кој се однесува, во согласност со Буџетот за 2018 година и врз основа на Законот за јавен долг.

Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со поднесеното барање на ТХОР ИМПЕКС ДООЕЛ, Скопје за издавање на овластување за изградба на Ветерна електрана Богословец и донесе одлука за одобрување за изградба на оваа ветерна електрана, како прва од ваков тип во приватна сопственост.

На оваа 46-та седница владата беше информирана за поднесените иницијативи за започнување на постапка за доделување на концесии за детални геолошки истражувања на минерални суровини во општините Неготино, Студеничани, Штип и Сарај, како и општините Прилеп и Долнени.

На седницата Владата ја усвои информацијата за исполнетост на условите на Друштво за производство, трговија и услуги МЕДИЦАЛ 420 увоз-извоз ДОО Битола, за вршење на дејност одгледување на коноп за медицински цели.