16/04/2024
Македонија

Одржана конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство

Во Министерството за здравство, денеска, се одржа конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство. Нов претседател на Комитетот за безбедно мајчинство е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените активности и мерки.

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, изрази силна поддршка за работата на комитетот за безбедно мајчинство и соработка во однос на сите предлози, одлуки, заклучоци кои ќе бидат донесени за надминување на актуелните состојби со смртноста на новороденчињата.

Една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување на суштинска анализа на актуелната ситуација и состојбите во оваа област, и подготовка на акционен план со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

Во наредниот период, комитетот кој претставува консултативно тело на министерот за здравство интензивно ќе се сретнува со цел побрзо и поефикасно обезбедување на препораките и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.