28/03/2024
Охрид

Одржана информативно-едукативна работилница „Откривање, евиденција и спречување на нееднаквости кај старите лица во нашата средина“

Црвен крст Охрид, во рамки на активностите на Програмата грижа за стари лица „Најди време“, за општините Охрид и Дебарца се вклучува во одбележувањето на Први октомври, Меѓународниот ден на старите лица, воспоставен од страна на Обединетите нации во 1990 година, како потреба, внимание и однос кон големиот број на стари лица во целиот свет. Според официјалните податоци сегашната бројка на стари лица во светот е речиси 700 милиони, со процена за 2030 година од 901 до 1,4 милијарди, а во 2050 година, 2 милијарди луѓе над 60 години, или, 20% од сетската популација ќе бидат во категоријата на стари лица. Овој тренд е присутен, особено во Европа, нашата држава и општините Охрид и Дебарца.

Ова година, тематски е поврзана со изнаоѓањето на можности за справување со присутните нееднаквости кај популацијата на стари лица, особено од социјален, економски и политички карактер, и мерки за спречување и елиминирање на такви појави и состојби во општеството и заедницата, како дел од Агендата 2030 на ОН за намалување на нееднаквостите, преку мерки на недискриминација и промовирање на активна вклученост на сите, без разлика на возраст, пол, попреченост, раса, етничка припадност, религија, економски или друг статус.

Имајќи ги во предвид целите за привлекување внимание кон присутните појави на нееднаквост, подигнување на јавната свест за спречување на такви појави и, соодветни мерки за истражување на можностите за доживотно учење, активна вклученост во општествените текови и обезбедување на социјална и здравствена заштита, подготвена е соодветна програма за одбележување на овој значаен ден.

По тој повод, денес, 30.09.2019 (понеделник), во 11 ч. со присуство на возрасни воонтери на Црвен крст Охрид од Програмата грижа за стари лица, корисници на програмата, соработници и други поканите, од локалната самоуправа и други организации и институции, се одржа информативно-едукативна работилница на тема „Откривање, евиденција и спречување на нееднаквости кај старите лица во нашата средина“, промоција на креативни постигнувања на старите лица, читање поезија, проза, ликовни творби и свечено доделување на благодарници и признанија на волонтери и лица помагатели и соработници на активностите за грижа и активна вклученост на страите лица во нашата заедница.