29/03/2024
Охрид

Одржана работилница за женски права во пресрет на 8-ми март

Членови на Ротаракт Клубот од Охрид, во соработка со Здружението за мултикултурна интеграција, „Инклузија“, Охрид денеска одржаа работилница за женски права со ученички од С.О.С.У „Св.Кирил и Методиј“, О.С.У „Св.Климент Охридски“ и О.Е.М.У.Ц „Св.Наум Охридски“, во просториите на средното економско училиште. Работилницата беше одржана во пресрет на 8-ми март, меѓународен ден на жената.

Во текот на работилницата, присутните средношколки имаа можност да се запознаат со зародишот на развој на идејата за подигнување и зајакнување на правата на жената на секое поле, од средината на 19-тиот век до денес, за појавувањето на движењето за правата на жените, и, посебно, за правото на глас.

Понатаму, тие дискутираа и за важноста на жените да носат одлуки кои ќе го подобрат нивниот квалитет на живот, како и дека од исклучително значење е нивното присуство во општествениот живот, посебно од аспект на нивното активно учество во процесите на донесување одлуки.

Нивниот заклучок беше дека жените и девојките мора да бидат еднакви со мажите и момчињата во секој сегмент, затоа што, како што рекоа, честопати, жената е таа која мора посилно и позначајно да се носи со предизвиците на животот. Тие сметаат дека во првите децении на XXI век, имаат право да одлучуваат за суштинските аспекти во нивните животи, како и дека гледаат зголемен напредок во унапредувањата на женските права, од аспект на поголемото присуство на жените во политиката, образованието, социјалата, здравството, науката, итн.

Ротаракт клубот и понатаму ќе продолжи со активности, кои ќе придонесат за промоција, заштита и унапредување на севкупниот општествен живот и ангажман на секој млад човек, со посебен акцент на жената, во однос на мисијата за услугата кон граѓанинот пред се, која го обединува ротаријанството во светски рамки, повеќе од еден век.