Одржано предавање „Во кујна наместо во болница“

Денес во Охрид се одржа предавање „Во кујна наместо во болница“. Предавањето го одржа д-р Јадранка Бибан специјалист по гинекологија и акушерство, експерт и едукатор за превенција и лекување на болестите со храна и со здрави животни навики. Таа е еден од практикантите и поддржувачите на таканаречената „Медицина – Животен Стил“ .

„Храната е силен лек, но само ако правилно се употребува. Човечкото тело има способност за самозаштита и самоизлекување, доколку е во согласност со природните принципи на исхрана според тоа како што го дизајнирала природата. Ваквиот пристап кон исхраната веќе станува практика во многу познати и признати клиники ширум светот.“– вели д-р Јадранка Бибан.

Д-р Бибан е еден од првите доктори на нашиве простори кои отворено проговорија за значењето на исхраната во превенција и лекување на современите хронични болести. Таа укажува на неопходноста исхраната да го заземе централното место во лекување на хроничните болести, како што се бројни кардиоваскуларни болести, хормонски пореметувања, автоимуни и дегенеративни болести, карциноми, состојби на дебелина, болести на дигестивниот тракт, анемии, алергии и многу други дијагнози.

Во текот на март и април ќе се организираат викенд работилници за здраво готвење и јога часови за витално стареење.

Оваа активност е дел од под-проектот „И старите можат“ кој е спроведуван од Локалната агенција за развој до Струга која е членка на Мрежата Инклузива М за социјална инклузија на старите лицата од трета доба во Република Македонија од 2016 година. Под-проектот се спроведува во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица” поддржан од од Европската унија, со финансиска поддршка на Австриската агенција за развој и Австрискиот црвен крст, кој Црвениот крст на РМ во Македонија го спроведува во заедничко партнерство со здружението Хуманост.

WebOhrid