Охрид доби затворен зелен пазар

Со пригодна свеченост денеска во Охрид беше ставена во употреба Административно деловната  зграда во која е сместен затворениот зелен пазар. Реализацијата на проектот значи крај на долгогодишниот проблем на пазарџиите кои својата дејност ја реализираа во неадекватни услови за работа.

На настанот на кој присуствуваше  Премиерот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се обрати градоначалникот на Охрид, Константин Гeоргиески.

– Денес пред се им се обраќам на моите сограѓани меѓу кои се и пазарџиите  кои долги години ги продаваа своите производи во неадекватни услови за работа под отворено небо на дожд и сонце во досегашниот отворен зелен пазар.Она што сакам посебно да го нагласам е фактот дека вашето мислење, вашите идеи, барања и забелешки беа клучни при креирање и изградба на Административно деловна зграда во која е сместен Затворен Зелен Пазар. Станува збор за крупен проект  што го реализиравме по пат на јавно – приватно партнерство.Со постојано настојување  својата работа да ја збогатиме со нови облици и содржини,  ги задржавме сите започнати  активности  надополнувајќи ги со  нови. На цврсти темели поставивме сигурни стандарди и основи за унапредување на условите за работа на пазарџиите.  Придобивките од проектот се модернизирани услови за работа на Зелениот пазар, исполнување на стандардите за трговија со земјоделски и прехрамбени производи од животинско потекло, подобрување на услугите на граѓаните и правните лица од подрачјето на Општина Охрид, а согласно со стратешките определби за развој и унапредување на Локалната самоуправа. Новата  административно – трговска зграда  која денес ја пуштаме во употреба е со површина од 6 779 м2.  Во подземјето е сместен јавен паркинг  од 2 433 м2 и техничките одделенија. На приземјето е Зелениот пазар со 90 нови тезги уредени по современи хасап стандарди. Тука се вклучени и дуќани,заеднички простории, тоалети, хол, лифт, подвижни скали, пристапни рампи и санитарни јазли за лицата со посебни потреби кои и тоа како се значаен дел од нашето општество, а ние како одговорна власт сме обврзани да обезбедиме попристапни јавни површини за сите нив.  На првиот и вториот кат има деловни и заеднички простории. Со меѓусебно разбирање, доверба и толеранција, со широки погледи кон иднината, реални очекувања и максимални вложувања го реализиравме овој, а во тек се и други проекти кои се значајни за Охрид и охриѓани.Секогаш заедно, како досега така и во иднина продолжуваме да го разубавуваме Охрид со нови проекти за доброто на сите сограѓани. Резултатите покажаа дека тоа е единствениот исправен начин кој гарантирано води до успех– рече градоначалникот Георгиески.

Проектот  вреден  3 милиони  и 500 илјади евра се реализира по пат  на јавно приватно партнерство на општина Охрид и АД „Илинден“ од Струга.

Пред присутните се обрати и  Премиерот  Зоран Заев,  директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска – Деспотоска и Христина Трајкоска- Костоска

За купувачите затворениот зелен пазар почнува со работа од 1-ви јануари 2020 година.