20/04/2024
Охрид

Охрид домаќин на „Езерска средба“ на ветерани од одбраната и безбедноста

Денеска, во организација на Зружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, а под покровителство на градоначалникот Јован Стојаноски, се одржа манифестацијата „Езерска средба – Охрид 2018“. Како повод беше искористено одбележувањето на 10 годишнината од работењето на охридскиот огранок на Здружението.

На средбата, присуствуваа претседателот на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, генерал Филип Котели, почесниот претседател, пратеникот генерал Илија Николовски, како и претседателите на националниоте здруженија на ветераните од Бугариоја – генерал Топалов, на Албанија – генерал Кондури, претставници од Србија и други гости.

Хорот на Средношколскиот центар Свети Климент Охридски ја интонираше химната на Република Македонија, а ја изведе и охридската старогардска песна Биљана платно белеше.

Покровителот на манифестацијата, градоначалникот Стојаноски, во својот поздравен збор ја нагласи континуираната поддршка и помош што општина Охрид ја дава на невладиниот сектор, особено за проекти кои ја интензивираат прекуграничната соработка и отвораат можност за заеднички настап со проекти пред европските фондови.

Стојаноски ја нагласи определбата, овој настан да се искористи како повод, да прерасне во трајна форма на поврзување, соработка и разбирање на народите од трите соседни пријателски земји во реализацијата на плановите и активностите на општините за добробит на нашите граѓани.

Истовремено, рече тој, со оваа манифестација се отвораат нови можности за соработка и промоција на нашиот град во регионот.

„Ми причинува особена чест и задоволство, како градоначалник и покровител на манифестацијата „Езерска средба -Охрид 2018“, Вам на домаќините од Општинската организација на Здружението на ветерани од областа на одбраната и безбедноста, гостите и моите колеги градоначалници, да Ви посакам успешно работно и креативно дружење. Уверен сум дека денешниов ден го поминувате во пријателска атмосфера, од која ќе произлезат нови форми на соработка и иницирање на заеднички проекти. Оваа манифестација, која се организира во рамките на одбележувањето на 10-годишнината од успешната работа на Општинската организација на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста од Охрид, за нас претставува израз на почит кон граѓанскиот активизам, поврзан со негувањето на вредностите од овој важен општествен сегмент. Одбраната, безбедноста и зачувувањето на мирот, биле приоритет и во времето кога Вие сте биле активни во безбедносните органи, но важен приоритет имаат и сега, во овие нови турболентни времиња полни со предизвици. Велат дека само со разбирање, почитување на другиот и дружење се градат нови пријателства. Длабоко верувам дека Вие,учесниците на овој собир токму на овие вредности, покрај старите ќе градите нови мостови за соработка.Присуството на гостите од сродните здруженија на ветераните од Република Албанија, Република Бугарија и Република Србија, отвора нови можности за проширување на пријателствата во поширокиот регион.Во Вашата манифестација, препознав можност за проширување на регионалната соработка и на оваа средба ги поканив градоначалниците од градовите околу Охридското и Преспанското Езеро. Им благодарам што ја прифатија поканата и денеска се со нас. Тоа е можност за да оцениме до каде се резултатите од досегашната соработка и да се договориме за идните чекори во иницирањето, пред се на нови трансгранични проекти, кои финансиски би биле поддржани од европските фондови. На крајот уште еднаш да посакам, денешниов ден да го поминеме во пријателска атмосфера и да закажеме нови вакви среќавања.“ – подвлече градоначалникот Стојаноски.

Негови гости беа градоначалниците од општините во Македонија и Албанија кои гравитираат околу Охридското Езеро.

Претседателот на општинскиот огранок на ветераните од одбраната и безбедноста, за општините Охрид и Дебрца, Добре Вељаноски посочи, низ досегашното работно искуство и делување, ги реализирале планираните активности не само во нашиот град и двете општини, туку и пошироко во цела Западна Македонија.

„Особено ни е секојдневна и сеопфатна соработката со Здружението на борците и поддржувачи од Охрид, при што со задоволство ја истакнувам нашата активност во негувањето и афирмацијата на револуционерните и борбени традиции. Во општина Дебрца, оспособивме 4 спомен објекти, како наш придонес за одбележување на настаните од НОВ: Спомен соба –НОВ во Дебрца (Белчишта), Спомен дом на Првата македонско косовска борбена бригада (Сливово), Спомен дом на ГШ на НОВ и ПОМ Црвена Вода) и Спомен соба на Шестата бригада и баталљонот „Мирче Ацев“ (Годивје).“ – нагласи Вељаноски.

Претседателот на Здружението на ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија, генерал Филип Котели, акцент стави на заедничкото делување на ветераните и младото членство, додека за резултатите рече дека се тие плод на искуството, младоста и ентузијазмот.

„Формирани сме 2001 година, имаме 13 ограноци во земјата со над 1.400 членови. Инцијатоири сме на зближување на земјите и народите. Многу блиску соработуваме со албанската асоцијација, на кој план е најактивно членството од Охрид, потоа со Бугарија, Србија, Хрватска, Србија,Словенија и Романија. Се поврзуваме и со нашите колеги од БиХ и Унгарија. Што тоа значи, практично ќе ви кажам дека на ова место, во овој простор, во овој момент има најмногу генерали и полковници на квадратен метар во поширокиот регион на Западен Балкан и ЈИ Европа.“ – потенцираше Котели.

На свечената седница говореа и гостите од националните асоцијации на Бугарија и Албанија.

Беа доделени дипломи, благодарници и признанија на соработници, гости и заслужни членови на асоцијациите на ветераните.

За гостите од земјава и странство, домаќините организираа посета и разгледување на културно-историските знаменитости во старото градско јадро, како и заедничка прослава и веселба во хотелот Нова Ривиера.

https://youtu.be/J2kOekae-JU