28/03/2024
Охрид

Охрид домаќин на првата Летна Школа за социјално претприемништво за граѓански здруженија

Во Европа постојат околу два милиона социо-економски претпријатија, што претставува 10% од сите бизниси во ЕУ. Повеќе од 11 милиони луѓе или околу 6% од вработените во ЕУ работат во социо-економски претпријатија. Основани се под различни правни форми и имаат различни цели, од земјоделството и банкарството до обезбедување на вработување на маргинализирани заедници.

Улогата на социјалната економија и социјалните претпријатија е клучна за подобрување на социјалната вклученост и намалување на сиромаштијата. Ова треба да биде јавно соопштено,  јасно искомуницирано и поддржано од македонската Влада и локалните самоуправи.

Социјалните претпријатија имаат посебна одговорност во однос на родовата еднаквост и тие треба да послужат како пример во општеството. Социјалното претприемништво има потенцијал да создаде можности за лица под ризик да бидат еднакви на пазарот на трудот.

Имајќи ја во предвид стапката на невработеност а особено долгорочната невработеност меѓу Ромите во Република Македонија, ХЕРА верува дека со создавање на социјални бизнис ќе се отворат можности за вработување на лицата од маргинализираните заедници што води кон нивно економско јакнење и социјална инклузија. Исто така, ХЕРА верува дека социјалното претприемништво ќе отвори можност за решавање на пошироки општествени и економски потреби со цел да се креираат по кохезивни и инклузивни општества.

Водени од идејата дека социјалните претпријатија помагаат во зајакнување на социјалната економија на една демократска држава, ХЕРА практикува нова алатка за социјална инклузија а тоа е основање на социјално претпријатие во кое вработува Ромки, зајакнува капацитети на граѓански организации за социјално претприемништво но и застапува за креирање на национални и локални политики за регулирање на социјалното претприемништво во Република Македонија.

По тој повод, во период од 27 август до 2 септември 2018 година, со почеток во 12:00 часот, во Охрид – Хотел Белведере, ќе се одржи првата Летна Школа за социјално претприемништво за граѓански здруженија, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување. На школата ќе присуствуваат 20 учесници – претставници од граѓанскиот сектор со идеи за креирање на социјални бизниси. Како предавачи се јавуваат домашни експерти како и експерти од партнерската организација Здружение за креативен развој СЛАП од Хрватска.  Настанот се организира во рамките на проектот Отвораме Можности финансиран од Европската Унија.