24/04/2024
Охрид

Охрид го добива својот прв шопинг мол

На површина од 19.000 м2 започнува со изградба првиот шопинг центар во Охрид – Охрид Мол. Најпознатото туристичко место во Македонија кое привлекува голем број на туристи од државата и од странство, сега дефинитивно ќе биде уште попривлечно, особено за љубителите на шопингот.

Охрид Мол се наоѓа до новата автобуска станица, на само 2 километри од центарот на градот. Ќе биде на 2 нивоа, ќе има подземен и надворешен паркинг простор, повеќе од 50 локали за реномирани домашни и светски брендови, а ќе нуди и најразлични забавни и актуелни содржини за сите генерации.

Првиот трговски центар во Охрид е македонска инвестиција на компанијата Делфина Турс.

„Охрид Мол е проект за кој јас и моите партнери размислувавме подолг период. Охрид е меѓу најпознатите туристички места во регионот со многу работи што може да ги понуди, но му недостасува центар од ваков тип каде што жителите и туристите ќе можат да купуваат. Со оваа инвестиција Охрид ќе биде уште повеќе посакувана дестинација на туристичката мапа.“– изјави Аднан Исмаил, инвеститор на Охрид Мол.

Ексклузивен агент за изнајмување на деловниот простор е консултантската компанија за недвижности Фортон Македонија: „Помеѓу првите закупци кои обезбедија простор во Охрид Мол се грчкиот ланец на супермаркети Веро заедно со Џамбо продавниците. Морам да напоменам дека веќе има огромен интерес на домашните и светски брендови за закуп на локал во објектот и очекуваме брзо исполнување на капацитетитот на трговскиот центар.” – изјави Влатко Богоевски, генерален менаџер на Фортон Македонија.

Изградбата на Охрид Мол е во тек, а отворањето е предвидено за април 2019 година. Вредноста на оваа инвестиција изнесува 10 милиони евра и ќе биде од значаен придонес за домашната економија, како и за градот Охрид и овој дел од Македонија.