28/03/2024
Охрид

Охрид и Македонија центар на светскиот хуманизам

На 18 јануари 2018 година во 19 часот, во очи на големиот празник Богојавление, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски во Куќата на Уранија на МАНУ ќе ја врачи Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник Жан Патрик Конрад, професор на Империјал колеџ од Лондон и Претседател на Европската академија на Науките уметностите и книжевностите.

На свеченото доделување на наградата, покрај другите гости од земјава и странство, ќе присуствува и претседателот на Светската организација за социјална интеграција, Фредерик Фапани фон Лотринген, кој ќе ја оствари својата прва официјална посета на Република Македонија.

По тој повод, интернет ревијата на Светската организација за социјална интеграција објави ексклузивна презентација на Охрид и Македонија, како светска престолнина на хуманизмот, кој уште од времето на Св. Климент Охридски, како ученик на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, заштитници на Европа, ја формирал првата средновековна европска школа на хуманизмот.

Како што е познато, ова дванаесетти пат како се доделува оваа награда, која постигна светско реноме со голем број на легендарни имиња на светската култура, како што се нобеловците Александр Солжењицин (Русија), Херта Милер (Германија), кон кои се приклучуваат и Рави Шанкар (Индија), Мануел Де Оливеира (Португалија), Питер Брук (Велика Британија).

Добитникот на Светската награда за хуманизам од Бугарија, академик Светлин Русев изработи скулптура инспирирана од ликот на Св. Климент Охридски и предложи до советот на Општина Охрид да биде поставено на локацијата кај Долна Порта како спомен обележје со кое Охрид ќе биде прогласен за центар на светскиот хуманизам.

Линк од текстот на Светската организација за социјална интеграција: http://cnrj.org/macedoine-prix-mondial-de-lhumanisme-long-cnrj-mise-a-lhonneur/