29/03/2024
Охрид

Охрид ќе биде домаќин на 11-та Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура

Народната банка на Република Македонија, во соработка со Централната банка на Холандија, веќе единаесетта година по ред, традиционално е домаќин на 11. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура: Време е за дигитализација, којашто ќе се одржи во Охрид, Република Македонија, од 6 до 8 јуни 2018 година.

Конференцијата, којашто долги години има меѓународен карактер, ќе го стави во фокус тековниот глобален процес на премин кон дигиталното работење и плаќања. Новите дигитални технологии за плаќање, развиени од секторот Финтек, а усвоени од страна на банките, понудија широка лепеза на платежни продукти за потрошувачите и трговците. Развојот на иновациите, како што се: инстант плаќањата, услугите за иницирање плаќања, мобилните плаќања од лице на лице и бесконтактните плаќања, го надополнија процесот на дигитализација со иновативни решенија. Процесите на иновации во плаќањата и дигитализацијата имаа своевидно влијание и врз трансформирањето на инфраструктурата за плаќањата и пазарот на платежни услуги. Имено, овие збиднувања покренаа различни прашања поврзани со барањата за отвореност на банките, безбедност на клиентите, транспарентност и доверба на пазарот за платежни услуги, како и заштита на правата на потрошувачите. Оттука, за нив е потребно брзо и сеопфатно приспособување на регулаторната рамка во платежната сфера.

Конференцијата ќе претставува платформа за активна дискусија за сите овие процеси на пазарот за плаќања преку поврзување на искуството на банките, платежните институции, институциите за електронски пари, секторот Финтек, платните системи, централните банки и други релевантни институции.