19/04/2024
Писма/Колумни

Охрид SOS: Заев ќе носи Закон за чичко Никола?!

На крајот на оваа година македонската влада има обврска да покаже дека ги испочитувала обврзувачките препораки на Комитетот за светско наследство со што ќе покаже способност за управување со ова исклучително ретко светски признато богатство.

Но изгледа не само што многу брзо македонските институции со својата склоност кон корупција ќе го префрлат охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност, туку и ќе го озаконат разузданото дивеење на урбаната мафија на штета на сите жители на РМ.

На вчерашниот партиски митинг на сдсм во Охрид со парадоксален назив „Силна економија – шанса за сите“ имавме чест да слушнеме како премиерот Заев му ветува на „чичко Никола“ со кого си разменувале приватни смс пораки дека тој лично ќе се погрижел неговиот криминален хотел да си ги добие сите потребни дозволи и да си почне со работа.

Го потсетуваме премиерот Заев на решението од здружениот инспекциски надзор во кое беа констатирани низа неправилности кои правниот тим на Охрид ЅОЅ ги утврди. Потсетуваме на целата низа прекршувања:

– Прекршување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион (чл. 9, чл. 17 став 1, чл. 23 став 2)

– Прекршување на Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро

– Прекршување на Законот за животна средина

– Прекршување на Законот за заштита на природата

– Прекршување на Законот за води (чл. 131 став 1 алинеи 4, 5 и 7)

– Прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање (чл. 33 и чл. 35)

– Прекршување на Правилникот за начинот на спроведување на постапката за добивање на одобрение за градење на електронски начин (чл. 8)

– Прекршување на Законот за градење (чл. 83 став 1 и 3, чл. 84) *Поради нетранспарентност на постапката и неможност за јавен увид во целокупната документација, постои сомнение и за прекршување на чл. 47 став 8, чл. 48 и чл. 56 од истиот Закон

– Прекршување на Законот за општа управна постапка

– Прекршување на Законот за вработените во јавниот сектор (чл. 8, чл. 9, чл. 10)

– Прекршување на Законот за користење на податоци од јавниот сектор (чл. 5)

– Прекршување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (чл. 4, чл. 13)

– Прекршување на Законот за сопственост и други стварни права (чл. 9, чл. 26, чл. 118, чл. 124, чл. 152)

– Прекршување на Уставот на РМ (чл. 26, чл. 30)

Понижувачкиот пинг-понг што се одвива меѓу Општината Охрид и Второстепената комисија каде што „инвеститорот“ Никола Толески се жали и „бара правда“ е тежок удар и сериозно уназадување на владеењето на правото во Македонија. А препорака број 9 од Комитетот се однесува токму на тоа: Државата да „Загарантира ригорозна примена на законите и регулативата со цел да оневозможи било какво натамошно нелегално градење во рамките на доброто.“

На сомнителниот „бизнисмен“ Никола Толески не му е првпат да гради нелегално. Против него СВР Охрид има поднесено кривична пријава во 2016 г. повторно за нелегална градба во заштитено подрачје, поточно во Националниот парк Галичица.

Освен ако премиерот Заев не мисли да го злоупотреби Собранието на РМ за да го задоволи својот сопартиец и да го силува Уставот со носење на lex specialis во урбанизмот кој ќе се вика „Законот за чичко Никола“, незаконскиот чир од градба во Лагадин мора итно да добие решение за отстранување и Општината мора веднаш да пристапи кон спроведување, овојпат без изигрување на правото како кога ја поништија само клаузулата за правосилност на одобрението за незаконската градба, а не го поништија и самото одобрение.

Ако премиерот сака жителите на РМ да му веруваат дека тој се залага за и претставува европски вредности, тој веднаш ќе се извини за грубото мешање во надлежности што претставува тешко прекршување на темелните вредности на уставниот поредок во РМ. Не е во надлежност на премиер „да фаќа врски“ за да озаконува криминални градби во УНЕСКО регион. Премиер кој е на ниво на задачата ќе побара да го види решението од мешаниот инспециски надзор и ќе ги извршува доследно своите надлежности според Деловникот за работа на владата. Како на пример, во согласност со чл. 4, став 6 од Деловникот за работа на владата ќе побара одговорност за лицата кои воопшто овозможиле ова криминално одобрение за градба да стане правосилно и лицата од Второстепената комисија што упорно ја уважуваат жалбата за нелегалната градба. Потоа, во согласност со став 10 од истиот член ќе ја насочи реформата во охридската администрација кон декриминализација и долго очекувана професионализација во обезбедувањето на јавните услуги за граѓаните.

Од премиерот Заев младите охриѓани очекуваат заложба за одржлив развој, развој кој ќе им донесе достоинствени работни места, развој кој нема да зависи од партија, но ќе биде стратешка определба на професионална администрација на локално и централно ниво. Единствено ова претставува концепт на силна економија во која има шанса за сите. Токму партискиот пазар и неказнивоста на локални шерифи ги доведоа Охрид и Македонија до ова дереџе. А сепак, дури ни Никола Груевски не се осмели вака јавно и отворено да го покажува степенот на корумпираност во македонското општество.

До канцеларијата на премиерот се доставени сите релевантни документи со кои располага Охрид ЅОЅ и доколку премиерот и по тие добиени информации остане во заштита на локалниот криминал, ние ќе покренеме соодветни процедури за обезбедување материјална и кривична одговорност.

Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.