28/03/2024
Охрид

Охридската библиотека го одбележа 23 Април Светскиот ден на книгата и авторското право

Денеска е Светскиот ден на книгата и авторското право, Традиционално и НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид и годинава се вклучи во неговото одбележување. Книгата е врска меѓу минатото и иднината. Преку неа ја изразуваме нашата почит кон творештвото и литературна традиција што ги постави темелите на светската книжевност. Наша недвосмислена желба е да ја прославуваме книгата заедно, со нашите соседи и со целото човештво, токму во духот на мисијата што таа ја носи како градител на мостови на разбирање и дијалог за создавање на заеднички вредности и подобра заедничка иднина.

Датумот има цел да ги промовира книгите, да ги поттикне издавачите и да укаже на заштитата на авторското право.

23 април (Денот на розите) е неслучајно одбран како датум уште во далечната 1923 година во Шпанија, кога продавачите на книги меѓусебно се договориле да му искажат почит на познатиот автор на „Дон Кихот“ – Мигел де Сервантес, кој починал токму на оваа дата. Идејата поттикнала менување книги наместо рози, како што проповедала дотогашната традиција за Празникот на розите.

Подоцна, во 1995 година, УНЕСКО се решава да го официјализира датумот како Светски ден на книгите, поради Каталонскиот фестивал во Шпанија, смртта на Мигел де Сервантес, но и смртта на Вилијам Шекспир, токму на истиот овој датум.

Пораката на госпоѓа Одре Азуле, Генерален директор на УНЕСКО по повод празникот на книгата и авторското право ја прочита директорката на библиотеката Гордана Змејковска. Во неа Азуле вели: – Книгите се исто така форма на културно изразување кое им дава живот на јазиците и се изразува преку нив. Секоја книга е создадена на посебен јазик, наменета за своите читатели. Така секоја книга е напишана, произведена, разменета, искористена во дадена лингвистичка и културна рамка. Оваа година акцентот е ставен токму врз овој важен аспект, бидејќи 2019 година е прогласена за Интернационална година на автохтоните јазици, поддржана од УНЕСКО, за реафирмирање и поттикнување на меѓународната заедница да им помогне на автохтоните народи да ги сочуваат својата култура, своите знаења и своите права.

Овој ден е добра можност заедно да размислиме како подобро да ја шириме писмената култура и да му овозможиме на секое живо суштество, мажи, жени и деца, пристап до неа.

Со ваков дух на инклузија и дијалог е анимиран градот Шарјах во Обединетите Арапски Емирати, престолнина на книгата во 2019 година. Неговото назначување се активира на денешниот Светски ден на книгата и на авторското право за 2019 година. Шарјах го привлече вниманието со својата програма „Читајте, вие сте во Шарјах“, којашто е наменета за маргинализираните групи за кои е подготвена креативна програма, со цел да се поттикнува популацијата со емигранти за да се вклучи во општеството во креативноста и во почитувањето.

Традиционално овој ден со себе ја носи и националната – нашата македонска порака која годинава од својата душа ја запиша на белиот лист хартија познатиот режисер, писател и фотограф Милчо Манчевски. На свеченоста во библиотеката ја презентираше Милчо Јованоски: … Книгите ми помогнаа да си ја повратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата која се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во кој престојуваат твоите крв и месо. И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега, стои во пораката на Манчески.

Вработените во охридската библиотека денеска во чест на празникот споија неколку активности во една целина.

На видео бим беше прикажана презентацијата за најчитаните автори и дела во 2018. Што читаат најмногу охриѓани , откри Весна Симоноска, вработена во библиотеката. Беа наградени тројца најредовни читатели, како и учесниците во манифестацијата НАПИШИ СТИХ – КУПИ КАФЕ. Денеска на 10 основни училишта од Охрид и Дебрца им беа донирани по околу 50 книги од акцијата ПОДАРИ – РАЗМЕНИ книга активност , како и претходно споменатата заедно организирани со култната кафетерија АКВАРИУС и универзитетот ФОН ( Факултет за странски јазици).

Присутните можеа да ја видат изложбата на книги од наши роднокрајни автори – родени во април, и изложбата на дел од над 30 изданија чиј издавач во 2017 и 2018 е НУ библиотека во Охрид.

Сите читатели кои денеска дојдоа на пултот за изнајмување книги добија и подарок – се разбира книга.

Топ листата на најчитатели за 2018 изгледа вака:

Шампион во читање е Беба Стојаноска со 167 книги.

По неа следи Билјана Стојановска со 129 прочитани книги и трета најредовна читателка е Александра Манева со 94 прочитани книги во една година.

По повод Светскиот ден на поезијата и годинава Библиотеката, ФОН и Аквариус ја спроведоа манифестацијата НАПИШИ СТИХ – КУПИ КЛАФЕ која наиде на огромен интерес кај охриѓани и стружани, но и меѓу студентите од ФОН.

Жирито од стотината творби одбра три. Прва награда за поетесата Марина Икономова – Шокева, втора награда за Лидија Стефановска и трета награда за Доника Елмази.

Наградите ги врачи професор Габриела Неделкоска од ФОН.

Целта на библиотеката е на речиси секој настан да има по некој млад и успешен музичар од ОМУ Методи Патче. Заедно во проектот ВИЕ НАМ МУЗИКА – НИЕ ВАМ КНИГА денеска присутните на празникот на книгата се дружеа со две исклучително талентирани учениички од музичкото. Тоа се флејтиските: Ива Чанова и Ана Матеска кои во петокот во Скопје секоја во својата категорија освоја по една Прва специјална награда на Државниот натпревар по музика. Обете се ученички во класата на професорката по флејта Нина Момировска.