Охридската Библиотека им подари книги на учесниците на Семинарот за македонски јазик

Вчера директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“од Охрид Гордана Змејковска беше во посета на Семинарот за македонски јазик, литература и култура што по 52 пат се одржува во Конгресниот центар во Охрид.

При средбата со директорката на Летната македонистичка школа проф. д- р Славица Велева, директорката Змејковска на дел од семинаристите им подари грижливо одбрани книги од македонски автори кои досега при разни поводи и’ биле донирани на библиотеката.
Во неформалниот разговор со напредната група изучувачи на македонскиот јазик и групата на преведувачи, учесници на семинарот беа разменати искуства на низа книжевни теми. Д -р Велева и Змејковска се согласија дека соработката меѓу двете институции кои се комплементарни и имаат допирни точки треба да продолжи и да се продлабочи.

Инаку, на Семинарот се присутни над 70 учесници од повеќе земји кои со многу љубов и восхит зборуваат за македонскиот јазик, литература и култура.

Годинава Летната школа го врати стариот термин на одржување во август и трае седум дена повеќе – време кое семинаристите го бараа за усвојување на стекнатите знаења по учеството на бројните курсеви и предавања.