29/03/2024
Охрид

Охридски Комуналец максимално ангажиран во шпицот на сезоната

Во деновите кога Охрид го живее шпицот на туристичката сезона и кога во градот на разни локации се одржуваат разни музички, културни и други збиднувања, екипите на Ј.П.„Охридски Комуналец„ се максимално ангажирани 24 часа со сите свои технички и човечки ресурси. Покрај тековните активности околу подигувањето на сметот и одржувањето на јавната чистота и зеленило, се справуваме и со мега концертите во поранешната касарна и на стадионот „Билјанини Извори„. Зголемена е динамиката на подигнување на сметот од хотелските комплекси, плажите и рестораните.

Но голем проблем ни создаваат групи од млади луѓе кои се забавуваат на мини-плоштади, дворови од образовни институции, на тревниците во градскиот парк и уште на многу други локации низ градот, притоа оставајќи ја зад себе сета своја комунална некултура . За жал прекрасниот амбиент на древниот Охрид кој плени со својата автентичност и  природна убавина се уништува во глетката од расфрлени шишиња, отпадоци од храна и цигари. Крајно време е да проработи еко-свеста кај младите генерации и ова прекрасно езеро и град да го зачуваме за идните генерации.